Четврти вимблдонски трофеј за Серена
Серена Вилијамс уште еднаш покажа колкав е јазот меѓу неа и ривалите од врвот на женскиот тенис, одбранувајќи го трофејот на Вимблдон со уверливата победа од 6-3, 6-2 над Русинката Вера Звонарева по само 67 минути игра во финалето. Со својот четврти триумф во клубот „Ол Ингланд“, Вилијамс ја помина Били Џин Кинг со 13 сингл-титули на гренд-слем турнирите, што ја искачи на шестото место на вечната листа. Таа го прослави победничкиот смеч со фрлање на рекетот во воздух и мавтајќи му на својот табор на трибините. Звонарева, пак, се расплака на патот до своето столче по поразот.
„Овој е посебен. Били Џин, те фатив“, и' се обрати Серена на својата сонародничка, која го гледаше мечот од кралската ложа. „Сакам да и' се заблагодарам на Вера, која многу се трудеше и покажа што значи да се биде шампион и никогаш да не се предадеш“.
Бранителката на трофејот го отвори мечот самоуверено и со силен сервис го доби првиот гем на нула, по што Русинката израмни пред полните трибини на Централниот терен во спарното и облачно попладне. Звонарева ја притисна првата носителка во третиот гем, во кој се избори за дјус пред Серена да го освои со својот трет ас.
Првите знаци на притисок врз 21. носителка дојдоа до израз во шестиот гем, кога со три грешки со форхенд и' ја овозможи првата шанса за брејк на Американката во мечот. Но, Звонарева токму со форхенд го погоди аголот од противничката половина, за потоа Вилијамс да ја погоди мрежата за израмнување на 3-3.
Решавачкиот момент се случи во осмиот гем, кога Звонарева со двојна сервис-грешка одведе до дјус, а потоа со долг бекхенд и' даде нова брејк-можност на Вилијамс. Американката го тресна рекетот од земја откако ја погоди мрежата со бекхенд-ритерн, но со извонреден лоб по среќното одбивање на топчето од мрежата потоа уште еднаш ја ��дведе до ситуација да направи брејк. Конечно, поентира со прецизен удар блиску до линијата, клекна на бандажираните колена и прослави со кренат прст.
Звонарева стигна до својата прва брејк-шанса во деветтиот гем, но Вилијамс со долг и прецизен форхенд го освои првиот сет по 36 минути игра.
Русинката беше разнишана и притисокот врз нејзините плеќи беше видлив за сите, вклучувајќи ги и поранешните шампионки во ложата, пасо форхенд во мрежата уште на стартот од вториот сет го загуби сервисот. Навистина, со импресивна упорност таа спаси уште две брејк-топки и намали на 1-3, но со уште една двојна сервис-грешка таа веќе беше во заостаток од два брејка. Нов извонреден сервис-гем за Вилијамс и резултатот веќе беше 5-1 за неа, по што Звонарева спаси нешто од честа со освојувањето на својот сервис, пред Американката да стави точка.
„Честитки. Ти си голем играч, но и голем шампион“, и' рече Звонарева на својата противничка во емотивната изјава на самиот терен. „Покажа голема решителност во текот на целата седмица и заслужи да победиш денеска“. |