Бразил во депресија
Жулио Цезар застана покрај новинарите и почна да плаче како мало дете. Едвај прозборе неколку збора, а речиси идентично беше и со сите бразилски репрезентативци по поразот од Холандија од 1:2, по двете кардинални грешки на одбраната, посебно онаа на Фелипе Мело и на голманот Цезар.
„Знам каква болка сега доживува целата нација. Но, и ние сме скршени. Никој не ја чувствува болката како ние играчите. Ова ми е најтажен ден во дресот на Бразил“, со солзи во очите зборуваше Кака.
Навивачите пак го критикуваат Дунга. Тврдат дека се погрешно поставил и што е најлошо, според нив, „Бразил ја нема убавината што го красела од секогаш“. За нив голема грешка на Дунга е што не го повикал Роналдињо. „Одеше на резултат, ама остана и без него“ коментираат тие.
Има и такви кои се обидуваат да прогледаат низ прсти. „Потполно се некорисни но ние и натаму ги сакаме“, беше еден од ретките попозитивни коментари.
Сепак, маките на Дунга, Кака и на Цезар се минорни со оние на Фелипи Мело. Тој заби автогол, а потоа доби и црвен картон за намерното удирање на Робен.
„Нека не се враќа во Бразил“, му порача најдобриот стрелец на светските првенства со 15 гола Роналдо (сега Клосе е втор со 14). За Бразилците ова е преголем шок. Еден навивач дури и се уби фрлајќи се под автомобил, а во Бангладеш се степаа Бразилци и Аргентинци.
Инаку, неколку минути пред дуелот со Холандија во Бразил се застана. Затворени беа банките, фирмите.. Сите престанаа да работат и се преселија пред телевизорите. По голот на Робињо цела држава падна во транс, се чинеше дека шестата титула е на дофат. Но, по еден час Бразил потона во тешка депресија. Неутешните навивачи плачеа не верувајќи дека Бразил се враќа дома.
Во Холандија, пак, лудница. И 24 часа по победа беше тешко низ улиците на Амстердам да се најде трезен човек. И заслужија Холанѓаните такво славење. Нивните миленици 36 години чекаа победа над Бразил и, конечно, ја дочекаа. |