Победничка низа без крај на Лоренсо
Шпанецот Хорхе Лоренсо со уште едно уверливо возење стигна до својата трета победа во низа сезонава, триумфирајќи во трката за Големата награда на Каталонија во мотоциклизам, со што го зголеми своето водство во вкупниот поредок во Мото ГП на 52 поена. Возачот на Јамаха влезе низ целта речиси пет секунди пред сонародникот и ривал за титулата Дани Педроса, кој се одбрани од постојаните атаци на Австралиецот Кејси Стоунер и заврши втор.
Лоренсо има 165 поени по седум трки, 52 повеќе од Педроса. Италијанецот Андреа Довициозо, кој се бореше за првото место пред да падне, на крајот заврши 14. и во генералниот пласман е трет со 91 поен. Шампионот Валентино Роси, пак, кој заздравува од скршеницата на ногата, се спушти на седмото место со 61 поен.
„Многу тешка трка. Многу беше жешко и заморно. Гумите беа голем проблем“, изјави Лоренсо. „Довициозо силно притискаше и помислив дека ќе биде така целата трка, но тој падна и тоа ми ја олесни работата“.
Педроса беше најбрз во утринското загревање и се проби од четвртото на првото место на патеката во првиот круг, но проблематичното сопирање го принуди широко да влегува во свиоците и падна подолу во колоната. Но, брзо се врати во игра и по пет круга веќе беше трет, иако далеку зад својот тимски колега од Хонда, Довициозо, и Лоренсо, кои се бореа за првото место. Довициозо беше веднаш до Лоренсо кога се излизга во песочникот покрај патеката 11 круга до крајот, по што фокусот се пренасочи врз битката меѓу Педроса и Стоунер за втората позиција. Возачот на Дукати го притисна Педроса во последните 12 круга, но не успеа да го престигне. |