Геј загуби од Дикс на 200 метри
Освојувачот на бронзен олимписки медал Волтер Дикс го остави зад себе Тајсон Геј во долго најавуваното и со нетрпение очекувано враќање на 200 м на поранешниот светски шампион на атлетскиот митинг „Прифонтејн“ од Дијамантската лига во Јуџин. Геј, кој веќе седум недели се бори со повредата на тетивата на коленото, ја истрча својата прва двестотка сезонава за 19,76 сек., четири стотинки побавно од Дикс, кој ја презеде контролата уште од самиот старт и остана водечки до целта.
„Не беше лошо, но почувствував мал замор при крајот“, изјави Геј. „Се обидов да останам релаксиран и да стигнам прв на целта, но тоа не беше доволно“.
Дикс, кој победи на 100 м и беше втор на Државниот шампионат на САД минатиот викенд, изјави дека помогнало неговото тркачко искуство.
„Не бев баш најдобар на излезот од стартниот блок, но бев способен да продолжам. Тајсон ми даде голем поттик“.
На 110 м со пречки Американецот Дејвид Оливер го истрча четвртиот резултат на сите времиња во оваа дисциплина од 12,90 сек. Бронзениот олимписки медалоносец го израмни националниот рекорд на Доминик Арнолд со својот втор личен рекорд едноподруго. На американскиот шампионат минатата недела истрча 12,93 сек. Побрзо имаат истрчано само светскиот рекордер Дејрон Роблес (12,87 сек.) од Куба и Кинезот Лиу Ксијанг. Оливер го остави далеку зад себе сонародникот Рајан Вилсон (13,16 сек.).
Вероника Кемпбел-Браун од Јамајка, олимписка првенка на 200 м, изненади со извонредниот настап на 100 м и со личниот рекорд од 10,78 сек., воедно и најдобро време сезонава во светот, кое ја тера да мисли дека е можна двојна круна на Светското првенство следната година. Олимписката шампионка Шели-Ен Фрејзер финишира втора со 10,82 сек., стотинка пред Американката Кармелита Џетер.
Уште три најдобри резултати во сезоната беа остварени во Јуџин. Светскиот првак Кристијан Кантвел од САД победи во фрлање ѓуле со 22,41 м во последната серија. Светската шампионка на 800 м во сала Марија Савинова од Русија истрча 1:57,56 мин. Абубакер Каки од Судан, пак, истрча 2:13,62 мин. на 1.000 м, дисциплина што ретко е дел од големите митинзи. |