МЗТ го запре Фени
„Металците“ му го нанесоа првиот пораз на шампионот сезонава, совладувајќи го со 104:102 по продолжението
Роберт Димитриевски
Најдобриот натпревар сезонава во Првата кошаркарска лига на Македонија му припадна на МЗТ Скопје, кој во дербито на 12. коло го совлада Фени индустри со 10:102 по продолжението, со што му го нанесе првиот пораз на бранителот на титулата и лидер во првенството. Основниот дел од возбудливиот натпревар во скопската населба „Јане Сандански“ заврши нерешено 88:88, откако најдобриот поединец на средбата Ненад Зивчевиќ го погоди само првото од двете слободни фрлања по фаулот од гостинскиот играч Џаред Фрај на три секунди до крајот. До истекот на времето Горан Самарџиев од својата половина го погоди обрачот и за малку не ги фрли во очај домашните навивачи, кои во претходниот напад на десет секунди до крајот ги растревожи со тројката за водство на кавадарчани од 88:87.
Малку недостигаше „металците“ да направат од готово вересија, бидејќи во третата четвртина водеа и со 12 коша разлика, а во последниот период влегоа со предност од 74:63. Клучен за победникот се покажа самиот старт на продолжението, кога тренерот на Фени, Емил Рајковиќ, по само 15 секунди беше исклучен поради дополнителната расправија со судиите откако доби техничка грешка за протестите за досудената лична на Диме Тасовски. Домашните изведоа шест слободни во низа, од кои погодија четири и го одржуваа водството до 63 секунди до последниот звук на сирената, кога Самарџиев со тројка израмни на 100:100. На 21 сек. до крајот Синиша Аврамовски со едно искористено слободно фрлање го доведе во водство МЗТ од 103:102, по што одговорноста ја презеде Самарџиев, но неговиот обид за три поени во последните секунди заврши непрецизно, топката ја освои Јане Петровски и врз него беше направен прекршок на две секунди до крајот. Плејмејкерот на „штрковите“ го реализира првото слободно и намерно го промаши второто за да истече времето, по што домашните навивачи од трибините експресно се преселија на теренот, еуфорично прославувајќи ја победата на своите кошаркари.
Најдобар поединец во победничката екипа и воопшто на средбата беше Зивчевиќ, зад чие што име остана импресивна статистика: 36 коша со реализација 3/7 за три поени, 9/16 за два и 9/14 за еден, на што додаде седум скока, три асистенции и три украдени топки. Блескаше и центарот Аврамовски, кој постигна 18 поени (5/7 за два поена, 8/10 за еден), а кај гостите се издвоија Дарко Соколов со 19 коша, Фрај со 18 и Војдан Стојановски и Дарко Кнежевиќ со по 15.
Куриозитет на мечот се дури 48. изведени слободни фрлања од домашните кошаркари, кои погодија 38 од нив. Освен во ударите за еден поен (79:65 проценти за МЗТ Скопје), Фени беше подобар во речиси сите други елементи: 54 отсто наспроти 44 во ударите за два, 54:43 отсто кај тројките, 34:30 во скоковите, 19:14 во асистенциите, 9:8 во украдените топки и 42:28 во поените од рекетот, а, сепак, загуби!
МЗТ СкопЈе - Фени индустри 104:102
Основен дел: 88:88. По четвртини: 21:27, 26:17, 27:19, 14:25.
МЗТ Скопје: Петковски, Крстев, Петровски 13, Аврамовски 18, Георгиевски, Пенов, Кочов 6, Николовски 12, Зивчевиќ 36, Грнчаров 12, Талевски 7, Ѓоревски.
Фени индустри: О. Стојановски 3, Фрај 18, Соколов 19, Брчков, В. Стојановски 15, Димитриевски, Тасовски 12, Кнежевиќ 15, Ѓуров, Јововиќ, Михајлоски 9, Самарџиев 11.
РАБОТНИЧКИ ГО „ПРЕГАЗИ“ ТОРУС
Резултати од 12. коло: Работнички - Торус 82:55, Ултимејт баскет - Лирија 81:84, МЗТ Скопје - Фени индустри 104:102, Куманово - АБА Струмица 78:90, Пелистер - Овче Поле (среда).
Табела: Фени И. 23, МЗТ Скопје 22, Работнички 22, Торус 20, Лирија 16, АБА Струмица 16, Ултимејт Б. 16, Куманово 15, О. Поле 14 (-1), Пелистер 13 (-1).
Следно коло (18 декември): Куманово - Работнички, АБА Струмица - МЗТ Скопје, Фени И. - Пелистер, О. Поле - Ултимејт Б., Лирија - Торус. |