Работнички ја освои „Железарница“
„Романтичарите“ го добија дербито со Металург со 1:0, Богатинов одбрани пенал во 86. минута
Миодраг Мицковиќ
Голманот на Работнички и на репрезентацијата на Македонија Мартин Богатинов беше јунак на мечот меѓу Металург и Работнички. Слободно можеме да напишеме дека тој им ги донесе трите вредни бода на „романтичарите“ бидејќи беше несовладлив на калливиот и лизгав терен. Одбрани многу тешки удари, во моментите кога малубројните гледачи веќе ја гледаа топката во неговата мрежа за да на крајот во голем стил го одбрани ударот од белата топка на Миле Крстев на пет минути пред крајот на средбата. Тоа беше финале на неговите феноменални одбрани во текот на деведесеттите минути и заслужено по завршувањето на натпреварот се најде во прегратка на своите играчи.
Но, да се вратиме најпрво на ударот од белата точка. Во шеснаесетникот на Работнички се создаде голема мешаница, топката никако да излезе од калта кога Секуловски го собори Ејупи во моментот кога се готвеше да шутира кон голот на Богатинов од само неколку метри. Судијата Мечкаровски без размислување покажа на белата точка, која од калта и не се гледаше. Залудни беа протестите на фудбалерите на Работнички, Мечкаров беше неумолив, исто како и пред една недела кога досуди пенал за Скопје во 89. минута на мечот со Вардар на истиот стадион.
Миле Крстев биеше силно во десниот долен агол, Богатинов го прочита и го одбрани неговиот удар. Што се вели, „жива“ ја фати топката.
Покрај неколкуте навистина одлични одбрани на Богатинов, треба да се одбележат уште два интересни момента, голот на Работнички и поништениот гол на Металург.
Се играше 38. минута, Фабио испрати долга топка кон Маневски кој тргна кон голот на Георгиевски. Иако теренот беше лизгав, тој се задржа на нозете, ниту Вајс ниту Илиевски не успеаја да го задржат, влезе во шеснаесетникот на Металург и рутинирано го совлада немоќниот Георгиевски.
Многу бура кај играчите на Металург предизвика поништениот гол на Кралевски во 58. минута. Ѓуриќ од неколку метри не успеа да го совлада Богатинов кој кусо ја одби топката, таа дојде до Крстев, но тој ја погоди пречката, на одбиената топка натрча Ејупи, но и тој, исто така од неколку метри, во истата таа акција ја погоди стативата. Но, тука не беше крајот на таа акција, на топката сега натрча Кралевски и ја погоди празната мрежа, но помошниот судија Ширилов рекламираше офсајд позиција, беше во право и Мечкаровски го поништи голот на неговата интервенција.
Се' на се', на тежок, каллив и лизгав терен беше навистина тешко да се игра, да се контролира топката целата облепена со кал, можеби нерешениот резултат, кога се' ќе се собере, беше најреален, но сепак не може да се оспори заслужената победа на Работнички.
Металург - Работнички 0:1
Полувреме: 0:1. Стадион: на Железарница. Судија: Димитар Мечкаровски од Скопје. Стрелец: Маневски во 38 минута.
Металург: Георгиевски, Дамевски, Илиевски, Кралевски, Вајс, Михајловиќ, Љамчевски (Недиќ), Ејупи, Крстев, Тенекеџиев (Симоновски), Ѓуриќ.
Работнички: Богатинов, Секуловски, Туневски, Мојсов, Димовски, Фабио (Петровиќ), Бјелица, Маневски, Глигоров, Вујчиќ, Џангаровски.
Резултати од 18. коло: Пелистер Скопје 5:4, Вардар - Напредок 2:1, Хоризонт Турново - Шкендија 0:1, Ренова - Тетекс 2:1, Силекс - Брегалница 3:1, Металург - Работнички 0:1
Табела
1. Шкендија 18 10 5 3 31:10 35
2. Ренова 18 10 4 4 25:13 34
3. Работнички 18 9 5 4 24:15 32
4. Металург 18 8 5 5 19:14 29
5. Хоризонт Т. 18 9 2 7 19:16 29
6. Тетекс 18 6 6 6 17:14 24
7. Силекс 18 6 6 6 20:22 24
8. Напредок 18 7 3 8 18:22 24
9. Скопје 18 6 4 8 16:17 22
10. Брегалница 18 7 1 10 18:26 22
11. Вардар (-3) 18 5 1 12 14:29 13
12. Пелистер 18 3 2 13 14:37 11
Идно коло (5 март 2011): Металург - Пелистер, Работнички - Силекс, Брегалница - Ренова, Тетекс - Хоризонт Т., Шкендија - Вардар, Напредок - Скопје |