Преку Вејд, Мајами до осма победа во серија
Кошаркарите на Мајами и четвртото едноподруго гостување го завршија со победа. Славеа кај недораснатиот Сакраменто со 104:83. Супертимот од Флорида сега има осум победи во низа, што е нивна најдобра овосезонска серија. Во секој од последните осум натпревари Мајами славеше со двоцифрена разлика. Овојпат од фантастичниот терцет најмногу се истакна Двејн Вејд со 36 поени и со по шест скока и асистенции. Леброн Џејмс додаде 25 коша, додека Крис Бош запиша 14 поени и 17 скокови, што е негов најуспешен скокачи ефект во оваа сезона.
Но, во уште подобра серија, најдолга позитивна во оваа сезона, е Далас кој на свој паркет ја совлада секогаш незгодната Јута со 103:97. Дирк Новицки повторно беше на висина на задачата со 31 кош и 15 скокови одведувајќи го својот тим до 12. едноподруго победа. Далас со ефект од 19 победи и четири порази ја игра својата најдобра уводна сезона од 2002/03 година.
На идентичен ефект се и кошаркарите на Бостон, водечки тим на Истокот, кој до 19. победа стигна декласирајќи го Шарлот на негов паркет со 93:62.
Резултати, сабота: ЛА Клиперс - Мемфис 83:84, Шарлот - Бостон 62:93, Атланта - Индијана 97:83, Детроит - Торонто 116:120, Чикаго - Минесота 113:82, Хјустон - Кливленд 110:95, Далас - Јута 103:97, Сакраменто - Мајами 83:104.
Резултати, петок: Индијана - Шарлот 100:92, Торонто - Денвер 116:123, Вашингтон - Њујорк 95:101, Чикаго - ЛА Лејкерс 88:84, Минесота - Детроит 109:99, Њу Орлеанс - Оклахома 92:97, Милвоки - Хјустон 97:91, Сан Антонио - Атланта 108:92, Јута - Орландо 117:105, Феникс - Портланд 94:101, Голден стејт - Мајами 84:106. |