Дортмунд и натаму игра фудбал од соништата
Петри Пасанен промаши зицер за 1:1 во 69 минута и не искористи веројатно еден од три четирите кикса на одбраната на Борусија Дортмунд. Вердер ја загуби топката, направи прекршок на центарот и неколку секунди подоцна Кагава заби за 2:0. Тоа беше сликата и приликата на Борусија Дортмунд сезонава. Тим кој на противниците им дозволува „трошки“ пред својот гол, а секоја и најмала грешка на другата страна ја казнува жестоко. Еден таков прекршок на ивица на шеснаесетникот уште во петтата минута го казни Нури Сахин.
Цела Германија од коло во коло чека кикс, но Борусија игра се подобро и подобро. Вердер се надеваше дека по победата над Интер во Лигата на шампионите од 3:0 ќе може да ја сопре серијата на „милионерите“, кои, пак, само на еден меч не забија гол. Во оној првиот, кога беа поразени од Баер Леверкузен.
Оттогаш освен ремито со Хофенхајм 1:1 ги добија сите натпревари. Во 16 кола забија неверојатни 39 гола и заслужено со 43 бода се наоѓаат на чело на табелата, пред Леверкузен кој има 11 помалку и Хановер со минус 12.
И доколку наредното коло го совладаат Ајнтрах „милионерите“ ќе го соборат рекордот во освоени бодови во есенскиот дел од шампионатот. Сега рекордот е во рацете на Баерн кој сезоната 2005/2006 освои 44 бода.
Инаку, младиот тим (во просек има 22,2 години) е за класа подобар од останатите бундес тимови, иако тренерот Јирген Клоп насекаде зборува дека има уште доста до крајот.
Резултати од 16.коло: Баерн - Сент Паули 3:0, Келн - Ајнтрахт 1:0, Хамбургер - Баер Л 2:4, Хофенхајм - Нирнберг 1:1, Кајзерслаутерн - Волфсбург 0:0, Борусија Д. - Вердер 2:0. Табела: Борусија Д 43, Баер 32, Хановер 31, Мајнц 30 (-1), Баерн 26, Хофенхајм 24... |