ФИФА контра обложувачката мафија

Последното коло по групи засилено ќе се набљудува за да се спречи лажирање
Натпреварите од последното коло од групната фаза на Светското првенство се најризични во поглед на лажирањето и ќе бидат блиско следени за да се обезбеди тие да бидат целосно чисти, соопшти ФИФА. Секој меч на првенството е набљудуван од системот за рано предупредување, кој детектира невообичаени обложувачки уплати.
Но, Марко Вилигер, директор на правниот оддел на ФИФА, на брифингот со новинарите изјави дека ќе отворат очи посебно за високоризичните средби со кои ќе биде комплетирана групната фаза на шампионатот. Најдобрите две селекции од секоја од осумте групи со по четири тима и додека некои од нив веќе се пласирани во втората фаза, други се свесни дека немаат шанси да го продолжат престојот на Мундијалот.
„Тоа се високоризични мечеви од обложувачка гледна точка“, вели Вилигер. „Местењето натпревари е најголемата закана со која се соочува фудбалот во моментов и постои голем ризик во средбите од последното коло, посебно ако е вклучен тим што веќе е квалификуван или веќе е елиминиран. Ние ги користиме сите средства со кои располагаме за да се фокусираме на тие што се веќе квалификувани или надвор од турнирот. Прашањето е дали тие се високоризични мечеви и одговорот е - да, се“.
ФИФА ја информира секоја национална фудбалска федерација, играч селектор, член на делегација и судија пред почетокот на шампионатот дека ќе се мониторира секој нерегуларен или нелегален облог.
„Не верувам дека Светското првенство би можело да биде цел на обложувачката мафија, но во меѓувреме треба да бидеме подготвени дека дури и СП може да биде опфатено, а не само нисколигашки натпревари“.
Отворена е жешка телефонска линија за секој актер на мечот - играч, тренер или судија - кој од трета страна ќе добие пари или мито за обложување или за лажирање да може веднаш и тајно да ја информира ФИФА.
„Заканата е присутна“, вели Вилигер. „Но, ние тесно соработуваме со нашите колеги од УЕФА, потоа со Интерпол, со 400 обложувачници низ цел свет, за да сториме се' што можеме да ја зачуваме играта чиста“.
Тој додава дека обложувањето во живо, кога, на пример, паѓа облог кој прв ќе го изведе првиот удар или ќе добие жолт картон, е потешко да се следи.
„Ние имаме меѓународна соработка со Интерпол, а имаме и голем број информатори, кои ни доставуваат многу важни информации“.
Досега ФИФА не детектирала никакви знаци на нерегуларно обложување на првенството, но не се олабавува.
„Светските и европските првенства, Лигата на шампионите и другите големи натпреварувања секогаш се интересни за обложувачката мафија. Затоа и ги насочуваме сите наши сили заедно во борбата со оваа закана“. |