Неверствата на двојката Саркози продукт на заговор?
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - Еден месец по гласиштата за наводните брачни несогласувања и неверства меѓу Никола и Карла Саркози, за што францускиот печат остана чудно молчалив за разлика од странскиот, од Елисејската палата за време на велигденскиот викенд беа изразени сомневања дека сето ова било организиран заговор против претседателот Никола Саркози.
Веднаш по објавувањето на информацијата и медиумската лавина, Карла Бруни - Саркози ги демантира сите гласишта за нејзино, наводно, неверство. Овие гласишта, како што пишуваше и „Утрински весник“, најпрво беа објавени на еден блог сместен на порталот на „Журнал ди диманш“, весник кој прв ги објави проблемите во бракот на Никола Саркози со неговата прва жена Сесилија, што им даде тежина на информациите.
Но, оние што мислеа дека настанот е заборавен и дека е свртена страницата се излажаа, оваа „афера“ повторно ја бранува медиумската јавност во Франција. Во разговорот за веб-порталот „Ру89“, Пјер Шарон, советник за односи со јавноста на Саркози, отворено праша дали не станува збор за „заговор“ спрема претседателот, организиран од страна на финансиските движења. Советникот на Саркози ја поздравува одлуката на издавачот на весникот „Журнал ди диманш“ (ЖДД), групата Хашет-Филипачи да поднесе кривична пријава „за злонамерно вметнување податоци во информативен систем“. Спред веб-порталот на неделникот „Нувел обсеравтор“, Елисејската палата „силно инсистирала“ ЖДД да поднесе кривична пријава, што се негира од опкружувањето на претседателот.
Пред неколку дена, двајца вработени во ЖДД, поточно во неговата филијала, која раководи со веб-страниците, поднесоа оставка откако претходно уредникот и' се извини на претседателската двојка. Еден од нив, претставен како 23-годишен Микаел Л., признал дека тој ја објавил информацијата на Интернет. Но, овие оставки не беа доволни, посебно по отворените сомневања изразени и од еден министер дека гласиштата биле со цел да се дестабилизира Саркози пред неговото претседавање со Г-20 во 2011 година. Најавено е отворање полициска истрага за да се види од каде доаѓаат гласиштата.
Интернет-специјалистите во Елисејската палата и полициските „хакери“, според „Монд“, веќе работат на локализирање на изворот на озборувањето. Минатата недела „Канар аншене“ пишуваше дека поранешната министерка за правда, Рашида Дати, сега европратеничка, е изворот на озборувањата за интимниот живот на „Карлита“ и на „Шушу“, што по регионалните избори ја чинеше одземање на службеното министерско возило и тројцата телохранители. Дати ги демантира овие тврдења.
Но, како што пишува Жан-Ноел Капфлер, автор на книгата „Гласиштата - најстари медиуми во светот“, освен исклучоци, гласиштата се спонтан општествен производ, без посебна стратегија, слично како вицовите. Јавноста ги прифаќа, бидејќи и' претставуваат нешто или и' даваат до некаде објаснување за некои општествени феномени. А Саркози, самиот по себе, е вистински медиумски феномен. |