Гасификацијата мрдна од мртва точка

Избрани најповолните понуди за гасификација во должина од 310 километри
Маја Томиќ
Гасификација на земјата, заглавена повеќе од десет години, конечно, тргна од мртвата точка. Министерството за транспорт го направи изборот на најповолните понуди за проектот за магистрална линија на гасоводниот систем. Задолжената комисија направи избор на најповолни понудувачи во четири пакети. За пакетот број еден, кој опфаќа изработка на техничка документација на ниво на основен и на изведбен проект за магистрален гасовод Клечовце - Неготино, во должина од околу 100 километри, за најповолна е избрана понудата на понудувачот „Прима инженеринг“ од Скопје. За вториот пакет, исто така, за изработка на техничка документација на ниво на основен и на изведбен проект за магистрален гасовод од Неготино до Битола, во должина од околу 100 километри, за најповолен понудувач е избрана украинската ОАД „Укргазпроект“ од Киев. Оваа компанија го доби и третиот пакетот за магистралниот гасовод Чвор - Штип, Чвор - Хамзали, во должина од околу 60 километри. За пакетот број четири за гасовод од Чвор - Хамзали до Стојаково, во должина од околу 50 км, за најповолна е избрана понудата на конзорциумот „ДИВИ косалт интернационал ГмбХ“ од Есен, Германија, и „ДИВИ консалт интернационал Македонија“ од Скопје.
Избраните понудувачи имаат обврска во рок од 12 месеци по склучување на договорите да ги изработат проектите. Вкупната вредност на четирите пакети изнесува 166.174.475 денари или 2,7 милиони евра. Поточно, првиот пакет ќе чини 56 милиони денари, вториот 50, а третиот 30 милиони денари, исто колку и четвртиот пакет.
Меѓународниот оглас за доставување понуди беше објавен на 18 декември минатата година и се пријавија вкупно седум конзорциуми и компании од земјава и од странство.
Гасификацијата многу одамна е приоритет во многу енергетски планови на сите досегашни влади. Постојано се потенцира нејзината важност за развојот на економијата, пред се', поради големите заштеди на електрична енергија доколку се користи гасот како примарен енергенс. Причина плус да се побрза со гасификацијата е што Македонија има преземено обврска за спроведување проекти од ваков тип, со сите меѓународни договори од областа на енергетиката, а посебно сега, кога претседателствуваме со Европската енергетска заедница. Но, најголема кочница за реализација на овој проект, освен финансиите, е и долгогодишниот судски спор меѓу државата и „Макпетрол“ околу сопственоста на гасоводот. Побрза изградба на гасовод побара минатата есен и Европската комисија во својот извештај, која и' забележа на земјата што остана слепо црево во регионот кога станува збор за вакви проекти. Во извештајот ЕК препорача и поскора разрешница на спорот со „Макпетрол“.
Инаку, во земјава преку „Макпетрол“ се увезува руски гас од кај преминот Деве Баир и на него се приклучени двесетина фирми од Кратово, Куманово и од Скопје, значи дека се употребува само во дел од индустријата. Во просек, се трошат по 80 милиони кубни метри гас годишно. Во поблиското соседство, поголеми делови од земјите одамна се гасифицирани: Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина. Во Словенија и во Хрватска, гасификацијата функционира уште пред сто години. Останаа негасифицирани Македонија, Албанија и Косово.
Според досегашни процени, најбрза реализација на гасификацијата ќе се обезбеди доколку гасоводниот систем се поврзе со регионалната гасна инфраструктура за пренос на руски гас кај Петрич во Бугарија и во Грција, на дел од гасоводот што ги поврзува Грција и Италија.
Според Министерството за транспорт и врски, за целосна реализација на гасификацијата ќе бидат потребни околу 270 милиони евра. Веќе е договорено во оваа сума да влезат и шеесетте милиони долари од рускиот долг. За нив по дведецениско чекање, се очекува Македонија и Русија да потпишат спогодба во мај годинава.
|