Компанијата на Ѕинго не била пречка за „Злетовица“

Регионалниот хидросистем се гради со намера да создаде оптимални услови за социоекономски развој на регионот
Иван Бојаџиски
Штип - Дали регионалниот хидросистем „Злетовица“ е пред колапс или и овој проект само стана предмет во меѓупартиските пресметки на македонската политичка сцена? Дали троецот од Социјалистичката партија, инсталиран во реализацијата на најголемата инвестиција моментно во Македонија, пратеникот и газда на кратовски „Силекс“ Љубисав Иванов - Ѕинго, директорот на „Злетовица“, Стојан Миланов, инаку баџанак на Иванов, како и Ацо Спасеновски, поранешен министер за земјоделство и актуелен амбасадор во Украина, секој од свој аспект, имаат некаква одговорност во некакви „лоши случувања“ во рамките на овој проект, за што СДСМ говореше на прес-конференција? Одговор на ова битно прашање побаравме на самото место, во Пробиштип, каде што се наоѓа седиштето на јавното претпријатие.
Директорот Стојан Миланов тврди дека во реализацијата на проектот нема ништо необично, ниту проблематично. Реакцијата на СДСМ ја сфаќа како некоректен политички проект преку грбот на една, како што тој вели, најуспешно реализирана голема инвестиција во годините на транзицијата да се ќари некој политички проект. За посебно некоректно го смета тоа што во нашите домашни политички интриги неодговорно се вмешува трета страна, во случајов пријателска Јапонија, земја која ни го одобри кредитот за да можеме денес да ја имаме „Злетовица“. Тој на маса стави куп документи со кои ги демантира тврдењата на опозицијата дека тој и неговиот баџанак Љубисав Иванов го довеле во колапс проектот само поради некомпетентноста на „Силекс неметали“, компанија во сопственост на Иванов, да работи на браната како подизведувач.
„Во сета оваа работа точни се само две работи. А, тоа е дека јас и Иванов сме баџанаци и дека сме социјалисти. Се' друго е надвор од вистината. Горд сум што имам за роднина, уште од 1974 година, една таква импозантна, творечка и исклучително успешна личност каква што е Иванов. И себеси се сметам за успешен, бидејќи дванаесет години бев градоначалник на Кратово и за тоа време градот од корен го измени својот лик. Сепак, кога е во прашање ’Злетовица‘ и мојата работа и одговорност во целиот проект, за тоа можеме да говориме само со јазикот на фактите, а тоа се: ’Силекс неметали‘ е избран како подизведувач на браната од страна на ’Бетон‘, а како квалификуван е потврден од јапонската Агенција за меѓународна соработка на 2 јуни 2007 година, за што во нашите архиви постои писмо. Смешно е сега да се тврди дека кратовската фирма не била прифатена од Јапонците, бидејќи немала искуство во таков вид работи кога ’Силекс неметали‘ со десетици години го работи токму тоа“, тврди Миланов и ни нуди документ за тоа што го говори. „Фактот дека првата фаза за која Македонија го добив кредитот е при крај, дека водата од ’Злетовица‘ веќе се пие во Свети Николе и е во дворот на филтерницата во Штип само говори за успешноста на проектот“, потенцира Миланов.
Првиот човек на „Злетовица“ вели дека нему и на сите што работат на овој проект им е најважно што мислат од банката за целиот процес, која со исклучително поволен кредит од 82,5 милиони долари ја овозможи реализацијата на тридецениската потреба на регионот. На увид ни го нуди писмото од банката од 25 март со потпис на нејзиниот директор Еиго Азукизава. Во писмото стои: „Бевме импресионирани од значајниот прогрес на проектот од нашата последна посета. Вашата постојана работа и напори се видливи во целта да успеете во 2010 година да се заврши првата фаза од проектот“.
„Она што сакам да го појасниме е фактот дека годинава на браната ’Кнежево‘ ќе имаме голема свеченост, кога ќе објавиме дека првата фаза е успешно завршена. Сите што работиме на овој проект, од менаџерскиот тим преку конзорциумот ’Бетон – Гранит‘ до многу помали, а битни учесници во изградбата, ќе бидеме многу горди поради сознанието дека сме дале свој придонес еден вака грандиозен објект да биде изграден со задоцнување од само шест месеци. Моментно работиме на чистење од дрвја, камења и земја на дното на браната, површина од 70 хектари. На овој простор треба да се акумулираат 22,5 милиони кубни метри вода. И оваа работа одеше на тендер, неа ја доби скопски ’Бетон‘, кој има обврска да ја заврши задачата во рок од педесет работни дена. Во првата половина на овој месец ќе започне монтирањето и на хидромеханичката опрема на браната, процес што треба да се заврши за најмногу три месеци по што браната ќе се затвори и ќе започне нејзиното полнење“, појаснува Миланов.
Регионалниот хидросистем „Злетовица“ се гради со намера да создаде оптимални услови за социоекономски развој на регионот. Се работи за повеќенаменски проект - за снабдување со вода за пиење, за наводнување и за производство на струја. Моментно голем проблем се филтерниците во пет од шест општини, кои некаде воопшто ги нема, а некаде немаат технолошки можности да ја прифатат водата. За тоа се потребни додатни пет милиони евра, а Штип, Кратово, Пробиштип, Лозово и Карбинци ги немаат. Миланов смета дека е направен голем пропуст при распишувањето на меѓународниот тендер за изградбата на првата фаза од „Злетовица“ што не е водено сметка и за оваа потреба. „Министерството за транспорт и врски преговара со донатори и кредитори за да се затвори и ова прашање“, тврди Миланов. |