„Ножиците“ добра лекција, сега сите си ја плаќаат струјата

Акциите и мерките на „ЕВН Македонија“ ја зајакнаа дисциплината, па наплатата достигна 94 отсто
Маја Томиќ
„ЕВН Македонија“ ја заврши ланската година со тековна наплата на струја од 94 проценти, информираа од компанијата деновиве. Ова е досега највисокиот процент на наплата остварен во изминатите четири години, но и повеќе од периодот на некогашно ЕСМ, кога годишната наплата на електричната енергија достигнуваше во просек 65 отсто, а ретко стигнуваше и до 80 проценти. Австриските газди го остваруваат планираното. Тие најавија уште пред две години дека една од основните цели на компанијата е нивото на наплата да достигне 100 проценти, а тие ќе се трудат со разни мерки и да го постигнат тоа.
Честите исклучувањата на нередовните плаќачи, кампањите што се спроведоа за наплата на рати на долговите од задоцнети сметки, како за граѓаните така и за фирмите, како и другите дисциплински мерки што се спроведоа во изминатиот период, придонесоа за зголемување на тековната наплата на електричната енергија. Се' уште остануваат како побарувања по основ на неплатени сметки 400 илјади судски тужби што ги води „ЕВН Македонија“. Исто така, придонес за зголемување на процентот на наплата има и поредовното плаќање на сметките за електрична енергија од страна на државните и на јавните институции, кои пред две години имаа значителни долгови кон компанијата. Во изминатите години имаше повеќе акции на предупредувачки исклучувања на цели општини во траење од неколку часа за да се притиснат граѓаните и фирмите да си ги намират сметките. Се бараше излез од ситуацијата и преку многубројните средби и разговори со локалните власти и со месното население, а се организираа и неколку наградни игри за редовните плаќачи. Во одредени периоди лани дневно се исклучуваа од 3 до 4.000 потрошувачи, и домаќинства и фирми, за што на терен работеа по околу 200 екипи на ЕВН, додека само во текот на 2007 година беа направени 75 илјади исклучувања. Како резултат на тоа, кражбите на струја беа намалени за 13 илјади квч., во споредба со претходните две години, а процентот на тековна наплата достигна околу 90 отсто.
Инаку, лани кога во текот на јули и на август потрошувачите имаа можност за наплата на долговите на рати, од ЕВН соопштија дека во земјава само околу 15 отсто од потрошувачите редовно ги плаќаат сметките за струја. Од приближно 300 илјади домаќинства, неофицијално, околу половината доцнат со плаќањето на две или на повеќе сметки. Слична беше тогаш состојбата и кај помалите бизнис-потрошувачи, од кои повеќе од 2.000 фирми должеа во просек по 1.000 евра за струја. Покрај домаќинствата, неплаќачи имаше и меѓу локалните и државните институции, кои неофицијално му должеа на ЕВН околу 10 милиони евра.
Од пролетта 2006 година кога австриската ЕВН го купи поранешно ЕСМ па досега, се наоѓаат различни модуси за надминување на старите проблеми со наплатата, но и со кражбите на струја, поради кои се кумулираат значителни загуби во работењето. Инаку, ЕВН заедно со друштвото ЕСМ презеде и негови огромни долгови по основ на неплатени сметки и кражби на струја. Тие на крајот на 2005 година изнесуваа околу 150 милиони евра, додека процентот на наплата беше 80 отсто. |