Велигденско кршење со ноеви јајца

Свети Николе - Велигденските празници во Свети Николе поминаа во несекојдневен амбиент. Десет деца од Виница, Свети Николе и од Кочани, облечени во народни носии, се кршеа со јајца од ноеви. Во организација на Меѓународниот славјански институт „Гаврило Гавриловиќ Державин“, на приредбата во ресторанот „Москва“, најсреќен беше дванаесетгодишниот Владимир Шкаревиќ од Кочани, ученик во шесто одделение. Неговото јајце од ној се покажа најцврсто.
„Најтешко ми беше да успеам да го додржам јајцето в раце, бидејќи тоа тежи 1,5 килограм. Го бојосував цел час. Јајцето е од нашата семејна фарма на ноеви, која моите родители веќе шест години ја имаат во Кочани и за овие животни знам многу и многу ги сакам“, ни изјави пресреќното момче.
Јордан Ѓорчев, директор на МСИ во Свети Николе, човек кој ја осмисли оваа манифестација, вели дека таа ќе стане традиционална, а идната се очекува учество на сите одгледувачи на ноеви од целата држава. „Сакавме на ваков начин да го прославиме најголемиот христијански празник, а во исто време и да го популаризираме одгледувањето ноеви, чие месо е најздраво за исхрана“, потенцира Ѓорчев.
Во источниот дел на Македонија фарми на ноеви има во Виница, Кочани и во Свети Николе. (И.Б.) |