Број 3250  вторник, 06 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter

ЕВРОПА - БАЛКАН

Тој тежок збор геноцид

Иван Торов

Декларацијата на Собранието на Србија за Сребреница: придонес кон посакуваното помирување на народите и државите од поранешна СФРЈ или нов импулс на поделби и внатре во Србија и во регионот?

БЕЛГРАД - Деветмина активисти од Иницијативата на младите за човекови права, забележителна антинационалистичка невладина организација, завршија во полициски притвор затоа што на тротоарот пред Собранието на Србија напишаа графит „Тој тежок странски збор геноцид“. Пораката им беше упатена на пратениците кои десетина часа водеа жестока, повремено многу мачна дебата по повод усвојувањето на Декларацијата за Сребреница. Се кршеа, всушност, копјата околу тоа дали и со каква квалификација Србија, петнаесет години подоцна, ќе се одреди кон ликвидацијата на 7.000-8.000 Бошњаци од страна на војската на Република Српска под команда на Ратко Младиќ.

Реакцијата на младите демонстранти, всушност, беше протест што српските официјални лица, иако гласно го негираат, упорно избегнуваат таа воена трагедија од јули 1995 година да ја наречат со вистинското име - геноцид, онака како што е формулирано во пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. „Го извалкавме тротоарот за да го измиеме образот на Србија“, порачаа тие девојки и момчиња во Иницијативата, обвинувајќи ја власта дека со калкулантска тактика не ќе може да и' помогне на Србија посериозно отколку досега да се соочи со своето минато, ниту ќе придонесе посакуваниот процес на помирување на народите и државите на просторот на поранешна Југославија да добие силен импулс. Со тесно мнозинство, на крајот, коалицијата на Тадиќ може да се каже дека ја избоксува Декларацијата, со која „најостро се осудува злосторството над бошњачкото население во Сребреница на начин утврден во пресудата на Меѓународниот суд на правдата, изразувајќи сочувство и извинување кон семејствата на жртвите поради тоа што не било направено се' за да се спречи трагедијата“.

Ниту со усвојувањето на вака обликуваната Декларација, меѓутоа, не го намали впечатокот за длабока поделба внатре во Србија во третманот и интерпретацијата на сребреничкиот масакр. Националистичките партии и многу гласните националистички интелектуални кругови го осудија овој чин на владејачката коалиција, останувајќи при ставот дека со усвојувањето на Декларацијата, Србија изврши „политичко самоубиство со предмисла“. Власта, всушност, срамежливо признава дека нејзината порака е „недовршена“, но, сепак, е доволно јасна за да покаже дека Србија ги исполнува своите меѓународни и морални обврски. Цивилниот сектор, пак, жали што е пропуштена уште една можност власта во целост да се дистанцира од злосторството во Поточари, во јули 1995 година, но, од друга страна, признава дека е употребената формула во Декларацијата е максимум што може да поднесе Србија во овој час. Односно, не е се' уште подготвена за апсолутно критичко преиспитување на своето минато.

Меѓутоа, се истакнува, застрашувачко е тоа што дебатата во парламентот покажува дека не е променета свеста кај најголемиот број пратеници и дека останале на нивото на кое беа во текот на 1990-тите години, што значи дека дваесетина години се тапкало во место. Би било најдобро таа расправа и да не се случеше, „тој срам на Србија“ да се скрие, но тоа е тоа. Сепак, во некои кругови се смета, оваа држава - макар закамуфлирано, со дефиниција која покажува дека не решила докрај многу свои дилеми од минатото - го прифаќа фактот дека се случил геноцид, како и својата одговорност, што нема сомнение, во меѓународната јавност беше примено со олеснување, како согласувањето на Белград да ги исполни своите обврски според пресудата на Судот на правдата, со која е прогласен за одговорен што можеше, а не го спречи тоа, како што се истакнува, најголемо злосторство на територијата на Европа по Втората светска војна.

Така и беше: само еден ден по усвојувањето на Декларацијата, уследија многу поволни реакции од Брисел и од други водечки европски метрополи, како и од Вашингтон, во кои овој потег на владејачката екипа на Тадиќ се поздравува како прв чекор, како сериозно соочување на Србија со своето минато. Сите наедно се надеваат дека српската Декларација благотворно ќе дејствува на регионалната стабилност и воспоставувањето на амбиентот за вистинско помирување. Меѓутоа, некои реакции од регионот не се охрабрувачки. Пред се', од Босна, поточно, од бошњачките кругови, кои се разочарани од ставот на Србија. Според нив, дефиницијата во Декларацијата, која бега од терминот геноцид, не е реторичко, туку суштинско прашање, бидејќи со тоа што не го споменуваат де факто и не го признава, а со повторувањето на приказната за граѓанска војна во Босна, всушност, се настојува да се воспостави рамнотежа на сите направени злосторства. Тие имаат намера Србија наскоро да усвои уште една декларација, со која ќе се осудат сите злосторства над Србите, крунски доказ за неискреноста на српската политичка и владејачка гарнитура.

Најмногу се огорчени семејствата на жртвите од Сребреница, кои Декларацијата, односно премолчувањето на геноцидот, го доживуваат како своевидно исмејување и обид да се намали димензијата и да се „редефинира“ природата на масакрот во Сребреница. Убедени се дека ниту овој документ нема да ги амортизира тензиите, да ги залечи се' уште свежите рани и процесот на помирување на просторот на Западен Балкан ќе го направи пореален. Всушност, што зборува фактот дека Собранието на Србија не го прифати ставот од Резолуцијата на Европскиот парламент на 11 јули - Европскиот ден на сеќавање на жртвите од Сребреница, се одбележува и во Србија.

 


#
Статијата е прочитана 1168 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Насловна
Цената на изборите ја плати децентрализацијата
Владата прво сече, па мери!
Во Европа градат, во Македонија крпат дупки
Зденко
И наша жена работи во облаци
Гасификацијата мрдна од мртва точка
Не е секој ден Велигден!
Се соблекува без проблем
Партија на регионите?
Тито оживеа на телевизиите
Во иста влада, со различни агенди
„Ножиците“ добра лекција, сега сите си ја плаќаат струјата
Србија во шок
Компанијата на Ѕинго не била пречка за „Злетовица“
Велигденско кршење со ноеви јајца
Неверствата на двојката Саркози продукт на заговор?
Граѓаните се жалат дека за платени казни им стигнуваат покани за суд