МИСЛЕЊА
Партија на регионите?
Слободан Најдовски
Актуализирањето на прашањето на изборните модели во Македонија во организација на НДИ предизвика недоумица од кои причини се прави тоа. Се разбира дека изборниот процес постојано треба да се надградува и модифицира за да може најрелевантно да ја изразува волјата на граѓаните. Македонија од првите парламентарни избори смени неколку изборни модели од чисто мнозински, комбиниран до чисто пропорционален. Искуството покажа одредени предности или негативности на секој од изборните модели така што не може да се направи реска линија кој се покажа најдобар во нашата практика. Споредбена анализа треба да покаже кој е најпогоден модел за наши прилики, од два аспекта: аспектот на одговорност на избраниците пред граѓаните и аспектот на репрезентативната застапеност во законодавниот дом соодветно на изразената волја на граѓаните.
Заедничка карактеристика на сите досегашни гласања кај нас е што се гласало за партија или за лидер, а не за кандидатот како личност. Иако во анкетите пред избори најголемиот број граѓани се изјаснуваат дека ќе гласаат за личност и за партиска програма, сепак, искуството покажа дека во најголем број случаи, гласањето се сведува на гласање за партија. Со ретки исклучоци кога на првите повеќепартиски избори победија неколку независни пратеници, другите избори ги добиваа кандидатите на партиите со најголем рејтинг, иако некои од нив гласачите воопшто не ги ни познаваа.
Од аспект на непосредна одговорност на избраните пратеници пред гласачите, најверодостоен е мнозинскиот модел. Но, нашето искуство покажа дека и тука отстапуваме од практиката во другите земји, бидејќи во првите два изборни циклуса, а делумно и во третиот, кои беа спроведени по овој модел, кај определувањето на гласачите во прв план беше партијата на која припаѓа кандидатот, а не личноста. Како аргумент ќе ги посочам првите избори кога кандидати кои во првиот круг беа трети по бројот на гласови, само по 14 дена, во вториот круг убедливо победија. Тоа зборува дека не се работи за авторитетот на личноста туку за менување на расположението на гласачите поведени од интересот за партијата на која припаѓаат кандидатите.
Гледано од аспект на репрезентативно претставување на волјата на гласачите, мнозинскиот модел не може да ја издржи критиката бидејќи теоретски гледано и со само по еден глас разлика во изборна единица можно е да се добие монопартиски парламент. Поедноставно кажано, во наши услови со 120 гласови разлика од вкупниот електорат теоретски е можно да се добие еднопартиски систем. Затоа, пропорционалниот модел ја има предноста на порелевантно претставување на волјата на гласачите. Недостиг, пак, на овој модел од аспект на целосно претставување на волјата на гласачите е во нерамномерната регионална застапеност.
Македонското искуство покажува дека комбинираниот модел кој се применуваше во 1998 година, кога 35 пратеници беа избрани по пропорционален модел, беше донесен само со цел најтесните раководства во партиите да не бидат изложени на директни избори по мнозинскиот систем. Нелогичностите на овој изборен модел беа увидени и се помина на целосно пропорционален изборен модел, при што заради регионалната застапеност, Македонија беше поделена на шест изборни единици. Сепак неизбежен е впечатокот дека лажна е сликата дека поделбата на шест изборни единици е заради регионална застапеност на претставниците на граѓаните туку многу повеќе за распоредување на партиските кадри од централата. Во изминатите три изборни циклуси по овој модел кај поголемите партии од македонскиот блок, со два-три исклучоци, немаше носител на листа со место на живеење во изборната единица освен, се разбира, од Скопје. Дури и по неколку кандидати на добитните места немаа никаква врска со регионот каде се кандидирале. Тоа доведе до ситуација во парламентот, на почетокот на мандатот, до формирањето на владата, повеќе од половината пратеници да се од Скопје. Некои поголеми региони немаат свои претставници во парламентот како што беше со Неготино, Струга, Крушево и други во периодот од 2006 до 2008.
Најлошото од се во овој момент е ако на предложените измени се гледа од моменталниот рејтинг на партиите и од теснопартиските интереси. Се чини дека ВМРО-ДПМНЕ со својот предлог поаѓа токму од тие интереси со предлагањето мнозински модел во еден круг. При тоа, владејачката партија заборава дека рејтингот е менлива категорија. Колку и да зборуваат за изборни измами и фалсификати, нека се потсетат на изборите од 1994, односно што ќе се случеше ако тој изборен модел беше во 2002 година. Иако коалицијата на која бев кандидат во 2002, со новопредложениот модел на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги добиеше сите пратенички места во средините населени со македонско население, тоа не ќе беше добро за демократијата. Затоа, во старт неприфатлив е моделот кој го предлага владејачката партија.
Во Македонија треба да се усовршува пропорционалниот модел. Можеби и токму затоа НДИ нуди решенија во таа насока. Недостаток на постоечкиот модел, а претпоставувам дека и во НДИ го увидоа, е ниското ниво на демократија во партиите, посебно при водењето на кадровската политика. Тоа се одразува на составот на листите, при што се намалува влијанието на граѓаните во изборот на пратениците. Во партиите не постои можност за артикулирање мислење и став на партиските малцинства, нема фракции и токму партиските раководства почнуваат да бидат кочница за демократските процеси во државава. Една од можностите за подобрување на таквата состојба е пропорционален модел со отворени листи. Иако и тој не е совршен, бидејќи повторно лидерите ќе имаат одлучувачка улога во креирањето на листите, сепак, на граѓаните им се дава поголема можност за избор од предложените кандидати. Очигледно е дека овој модел тешко ќе помине кај поголемите партии, иако со ВМРО-ДПМНЕ никогаш не сте начисто, бидејќи доколку оценат дека тоа носи повеќе гласови ќе го променат ставот. Најголеми противници на отворените листи се луѓето околу партиските лидери кои никогаш не би добиле на избори доколку редоследот на победници не е однапред одреден.
Отворањето на прашањето за модификација на изборниот модел е значајно бидејќи полека го отвора и прашањето за реорганизација на партиите во правец на дисперзија на политичката моќ или децентрализација на партиите. Сите партии зборуваат за децентрализација на државата, иако во практика тоа тешко оди, а ретко кој зборува за децентрализација на партиските структури, односно на партиската моќ. Најтесните раководства на главните партии се од Скопје и затоа повеќе им одговараат затворени листи во кои тие се распоредуваат на првите места во шесте изборни единици. Централизацијата на партиите се' повеќе создава одбивност на локалните партиски членови кон централата. Која од партиите прва ќе направи вистински, конкретни чекори во надминување на таа состојба, има можност за подобри изборни резултати. ЛДП направи таков обид со платформата за зголемување на надлежностите и финансиско зајакнување на единиците на локална самоуправа.
Една од можностите за надминување на негативностите во кадровската политика на партиите е измена во постојниот изборен законик, при што кандидатите за пратеници би биле со постојано место на живеење најмалку една година пред избори во изборната единица каде се кандидирале. Реорганизација и трансформација на партиите е неопходна. Ако не се случи трансформација во правец на демократ��зација во постојните партии, се отвора простор за формирање партија на регионите која, задржувајќи ја определбата за унитарност на државата, во центарот на вниманието ќе го има рамномерниот регионален развој, почитувајќи ги спецификите на секој регион.
(Авторот е поранешен пратеник) |