06.10.2011, 17:49 Комисијата го фали, а опозицијата го куди пописот

Опозициските партии сметаат дека е нарушен кредибилитетот на процесот
Слободанка Гиевска, претседателка на Државната пописна комисија, вчера, на шестиот ден од пописот, оцени дека процесот тече нормално и дека техничките проблеми што се јавуваат се вообичаени и се решаваат во од. Засега, рече таа, не се размислува за пролонгирање на крајниот рок за завршување на пописот, а ако се јави таква потреба, тогаш ќе се побара и тоа.
„Законот е повеќе од јасен - не се дозволува попишување со копии од документи и лицата кои се надвор од државата повеќе од 12 месеци нема да бидат попишани“, рече Гиевска.
Опозицијата, пак, обвинува дека пописот го следат низа нерегуларности и дека е нарушен кредибилитетот на целата операција.
„Ова е пародија и нема никаква врска со попис“, реагира претседателот на НСДП, Тито Петковски. Тој вели дека има информации дека 10 илјади граѓани во Кичево се попишале со фотокопии од документи и дека во одредени реони не им се дозволува на попишувачите да влегуваат во домовите. Во Струга, пак, се одбивал пописот бидејќи немало инструкции од политичките партии како да се спроведува...
„Сето ова сериозно го нарушува кредибилитетот на пописот, кој станува основа ние да се преброиме по етничка линија. Таков попис нема никаде и не верувам дека ЕУРОСТАТ ќе даде позитивно мислење. Ова покажува дека владејачката коалиција не е способна да спроведе една рутинска операција и дека се' ова е дел од коалицискиот пазар меѓу Груевски и Ахмети“, вели Петковски.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, вчера не сакаше да ги коментира ваквите обвинувања од опозицијата и за оценки за досегашниот попис упати да се обратиме до Владата.
За информациите дека има многу случаи на попишување спротивно на законот, Гиевска рече дека тоа не е работа на пописната комисија, туку дека, при обработката на податоците, тоа ќе го утврди Заводот за статистика. „Предвидени се казнени мерки и за тие што давале лажни информации и за тие што попишувале на таков начин“, предупреди таа. Коментирајќи ги информациите дека има различни ставови со потпретседателот на Комисијата, Бујар Османи, Гиевска рече дека ДПК нема обврска да зазема заеднички гледишта, туку да работи согласно закон. (Св.У) |