06.10.2011, 17:35 Новинарот не треба да изигрува патриот

„Во македонските медиуми има многу силно влијание од партиите“, вели Оливер Вујовиќ, генерален секретар на СЕЕМО
Жаклина Хаџи-Зафирова
Какви се вашите импресии од првата посета на Македонија?
Оваа посета е прва посета во нашето десетгодишно постоење. Тоа што сега сме одлучиле да дојдеме тука е сигнал дека нешто не чини во Македонија. Примивме поголем број мејлови и повици од македонските новинари, кои не' известуваа за некои работи што се случуваат, и затоа дојдовме да видиме каква е ситуацијата. Закажавме средби со политичкиот врв, со дипломати, новинари, уредници, сопственици и со директори на медиуми. Наша цел, како професионална организација, е да најдеме начин како би можеле долгорочно да помогнеме.
Дали ви се чини дека во Македонија има новинари и пропагандисти?
За жал, да. Тажно е што не постои дијалог, комуникација кај оние со различни ставови. Во медиумската сфера во Македонија забележуваме многу силно влијание на партиите. За жал, повеќе или помалку се знае дека овој новинар е на оваа или на онаа страна. Точно е дека партиско-политичкиот живот е битен, но кога работите како новинар мора да бидете подготвени да ја сослушате и другата страна. Едноставно можете да бидете убедени во нешто, но треба да седнете и со друг. И од најголемиот непријател можете нешто паметно да научите. Проблем на македонските новинари е што не се подготвени да научат нешто и од непријателот.
Каков е ставот на претседателот Иванов, со кого и остваривте средба и разговаравте за медиумите?
Го прашавме што мисли тој за целата ситуација. Но, со него разговаравме повеќе за историскиот развој на медиумите. Она што би сакал да го кажам како генерална порака е помалку мешање на политиката во медиумите. Она што го слушнавме овие денови е дека постои силно влијание на власта преку огласи од државните фирми и институции, за што имавме поплаки за селективност. Пазарот во Македонија е многу мал и на тој мал пазар државата игра битна улога. Слушнавме некои проценки дека годишно државата инвестира од 20-30 милиони евра во огласување во медиумите. Прашање е кои медиуми ги добиваат овие огласи.
Какви се' поплаки добивте?
По најавата дека ќе дојдеме, добивме и мејлови дека нема потреба да дојдеме во земјава кога тука е се' супер. Но, ние дојдовме за тие што се загрижени. Имавме поплаки од новинари кои имале директни притисоци да не пишуваат за одредени теми и по цена на работата. Добивме и поплаки дека нема доволно новинарска солидарност, за што утврдивме дека е точно. Исто така, многу медиумски работници не известуваа дека се загрижени за говорот на омраза во некои медиуми.
Факт е дека во многу медиуми недостига професионализам. Постојат новинари кои работат во интерес на некоја кампања. Она што, според мене, е посебно загрижувачки е јакнење на патриотизам во земјата во негативна смисла. Можам да сфатам дека Македонија е мала земја, со проблем со името, потоа ја имаме МПЦ која не е призната и има судир со СПЦ. Тоа е реалност. Но, не е улога на новинарот да изигрува патриот. Новинарот треба да критикува и ако нешто не чини во општеството реално да пишува за тоа, а не во име на патриотизмот да молчи.
Ќе помогнете ли во дијалогот меѓу Здружението на новинарите и Владата?
Јас со задоволство ќе дојдам, но тажно ми е што Македонија дошла на ова ниво и што две личности не се во состојба да седнат да се напијат кафе и да го кажат својот став без меѓусебно напаѓање. Култура на дијалогот е многу битна, а таа исчезна со јакнењето на патриотизмот во Македонија. |