06.10.2011, 17:33 Извештајот нема да изненади никого

Не се очекува извештајот на ЕК да предизвика подраматични политички поместувања
Светлана Унковска
Во почетокот на октомври во Македонија се отвора вообичаено прашањето што ќе донесе годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава. Дали ќе биде позитивен или негативен, дали имаме воошшто напредок и во кои сектори, колкаво ќе биде неговото влијание врз евроинтеграциските процеси, може ли да предизвика драматични поместувања на политичката сцена...?
Ова се прашања што секоја година се поставуваат, и на кои претставниците од власта вообичаено одговараат дека Македонија очекува позитивен извештај бидејќи напредува во реформите на сите полиња. Вицепремиерката задолжена за евроинтеграциите Теута Арифи рече дека очекува ист извештај како и ланскиот, а претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, пак, рече дека очекува позитивен извештај, па дури и датум за преговори.
„Трета година по ред добиваме позитивени оценки за напредокот на Македонија и јас би сакал, очекувам и уверен сум дека ќе добиеме позитивен извештај. Би требало да добиеме и датум за преговори и моја оптимистичка прогноза е дека тоа би требало да се случи до крајот на годинава“, рече шефот на парламентот.
Поранешната вицепремиерка за евроинтеграции, Радмила Шекеринска се согласува дека извештајот нема никого да изненади бидејќи главните политички пораки Европската комисија веќе ги испрати до македонските власти. Во говорот на комесарот Штефан Филе, беше јасно и прецизно посочено кои се точките каде што тие изразуваат загриженост, а тоа се слободата на изразување, судството, администрацијата, квалитетните демократски процеси, селективната борба против корупцијата... И покрај убедувањата од власта дека ќе имаме позитивен извештај, Шекеринска вели дека ќе добиеме полоши оценки за клучните политички критериуми, но среќна околност во сето тоа е дека ќе ја зачуваме препораката.
„Европа не сака да додава масло на огнот и не сака со негативна препорака да ги обесхрабри граѓаните на Македонија. Власта ќе биде во фронтална акција овој извештај да го претстави или како голема победа или како непринципиелност од страна не Европската комисија. Вицепремиерот веќе кажа дека очекува доволен два и тоа и ќе го добиеме, а власта ќе се труди да не' убеди дека од тоа треба да бидеме презадоволни“, вели Шекеринска. Таа не верува дека Извештајот ќе има значајно политичко влијание.
„Власта веќе призна дека на него гледа само низ призмата на перцепција, наместо да ги читаат критиките за да извлечат поуки и да ја подобрат состојбата. Не верувам дека нешто драматично може да се промени и овој извештај нема да биде некоја пресвртница. Власта ќе ја продолжи својата континуирана кампања на глумење европејство, а под маса ќе имаме плукање на ЕУ и нејзините институции. Таа ќе продолжи да ја рони европската поддршка кон Македонија“, оценува Шекеринска.
Иако претставниците на ЕУ однапред дадоа до знаење дека Извештајот и годинава ќе биде позитивен, сосема сигурно е дека ќе има и бројни забелешки. Универзитетскиот професор Нано Ружин забележува дека постои општ впечаток дека оваа власт го намалила интересот за влез на земјава во ЕУ и за добивање датум за преговори.
„Тоа може да се оцени, од една страна, како резултат на одреден евроскептицизам кој е присутен и во самата Европска унија, бидејќи и концептот за влез стана многу индивидуалистички. Се плашам дека тоа и' оди во полза на актуелната власт. После една зајакната процедура во проширувањето, постои и опаѓање на авторитетот и интересот кон ЕУ. Со други зборови, тие глумат дека ќе не примат, а ние глумиме дека правиме реформи“, вели професорот Ружин. Според него, на ова влијае и тоа што граѓаните и целокупната јавност се' помалку се запознаени од предностите што ги носи членствово во Унијата.
„Мислам дека владата на Груевски мора посериозно да се зафати со подигнување на нивото на слободата на медиумите и на граѓанското општество и да имаме поголем „чек -баланс“. Само на тој начин ќе успееме да се наметнеме како држава која сериозно планира да влезе во ЕУ. Во овој момент, освен што останува отворено прашањето со јужниот сосед, мислам дека нашето членство во ЕУ го претвораме се' повеќе во виртуелна приказна, наместо да биде реална заложба“, оценува Ружин. |