06.10.2011, 17:51 И уште нешто
Иницијатива
Пратеничката група на НСДП до Собранието ќе поднесе иницијатива за измена на изборниот закон со која се бара извршувањето на функцијата пратеник во Собранието да не смее да биде ограничено со материјална и финансиска гаранција кон политичката партија или коалицијата од чија кандидатска листа е избран.
ДПА го поддржа Чејку
Пратеничката група на ДПА го осуди повикувањето на албанскиот амбасадор Арбен Чеку во македонското Министерството за надворешни работи п��ради неговата изјава за „Газета Шкиптаре“ дека „македонските учебници по историја се носталгични по ерата на Јосип Броз Тито и ги понижуваат Албанците“.
Нагоричане и туризмот
Општината Старо Нагоричане го претстави својот туристички потенцијал и атрактивните дестинации на Меѓународниот саем за туризам, лов и риболов во Нови Сад, Република Србија. Презентирани се црквата „Свети Ѓорѓи“, споменикот Зебрњак, мегалитската опсерваторија Кокино и други културно-историски споменици.
Академци во САД
Министерот за образование и наука Панче Кралев и амбасадорот на САД Пол Волерс потпишаа меморандум за Фулбрајт програмата за академска размена. Преку Фулбрајт програмата годинава ќе заминат 11 студенти да студираат на универзитетите во САД. За поддршка на програмата Владата на Македонија ќе одвои околу 100 илјади долари.
Промоција на Шара
Македонското еколошко друштво во соработка со невладината организација „Еуронатур“ од Германија во Тетово го промовираа проектот „Промоција на природните вредности на Шар Планина преку едукација за животната средина и инволвирање на засегнатите страни”. Целта е потемелна заштита на природните ресурси. |