Бени Шакири
„Лектира“ како почит на тие пред мене
Свесен сум дека имало автори и музичари порано, кои ја создавале и одржувале популарната музика на овие простори. Овој албум „Лектира“ е само едно мое човечко и музичарско признание, почит и благодарност кон тие луѓе, што во услови на нарушена естрада не им било дадено до сега
Јасминка Павловска
Со своето легално, но и „илегално“ постоење и дејствување на македонската естрада, Бени Шакири никогаш не се трудел да биде ѕвезда. Кога би бил ставен да избира термин за својот естраден статус тој би претпочитал да биде урбана легенда.
„Епитетот урбана легенда се заслужува со упорна работа и, пред се', со квалитет“, категоричен е Бени. „Би било некоректно јас да се прогласувам себеси за нешто. Но, секако, посакувам да го заслужам терминот ’урбана легенда‘, многу, многу повеќе отколку ’ѕвезда‘. Во нашиве македонски, естрадни услови термините како што се ’ѕвезда‘, ’дива‘ одамна се девалвирани. Штом се појави некој со пејачки амбиции, уште незапеан го нарекуваат ѕвезда, дива, икона... Не сакам да бидам дел од таа приказна. Јас си имам своја музичка приказна, што се трудам чесно и вредно да ја градам“, започнува Бени.
Пред неколку дена го промовираше својот последен албум „Лектира“, кој претставува своевиден „трибјут“ на македонската рок-сцена од последните 40 години. Како преработката на осум песни од македонското рок-минато влегува во твојата музичка приказна?
- Воопшто не сум вообразен да верувам дека рок-музиката, а и музиката воопшто започнува од мене. На македонската естрада постои една исклучително фрустрирачка појава, а тоа е ставот „јас, јас и само јас“. Е па јас не ја поддржувам таа суета и свесен сум дека имало автори и музичари порано, кои ја создавале и одржувале популарната музика на овие простори. Овој албум „Лектира“ е само едно мое човечко и музичарско признание, почит и благодарност кон тие луѓе, што во услови на нарушена естрада не им било дадено до сега. Тоа се песни кои во времето кога се направени немало услови за некаков продукциски квалитет. Некои од тие песни „преживеале“ низ годините благодарение на „усно предание“ и „колективна меморија“, а секако заслужуваат да добијат „цврст доказен материјал“. На пример, „Дал да плачам ил да пеам“ од „Бис без“ е создадена во 1971 година, на светската сцена беа само „Битлси“ и „Ролингстоунси“. А кај нас беа амо „Бис без“ како наши создавачи на некаква автентична рок-историја. Само тоа е доволно за почит.
Инаку, обработката на туѓи и стари песни (кавери) кореспондира со моите активности. Често на моите настапи, за кои не се стеснувам да ги нарекувам „тезги“, свирам обработки. За обработките на албумот, сосема легално се побарани и добиени дозволи од авторите, како и нивната поддршка.
Не дојде ли во искушение на овој албум да ставиш и некоја своја песна?
- Тоа навистина би било нескромно и дегутантно. Ќе се изгубеше сериозноста и достоинството на проектот. Целта ми беше да направам своевидна музичка енциклопедија. Песните: „Пушти коси“, „Неправда“, „Дал да плачам ил да пеам“, „Цимер“, „Високи штикли и црни чорапи“, „Нена“, „Чукни во дрво“, „Лага и измама“ заслужуваат да бидат енциклопедиски вредности. Човечките мотиви и уметничките норми при изработката на овој албум навистина ми беа високи. Речиси цела година со мојот бенд (Владо Икономов-Хистер - тапани, Горан Станковиќ-Црни - бас, Бобан Василески - гитари, Мето Атанасовски – ритам-гитара) снимавме во студиото што буквално ни го отстапи Александар Митевски. Навистина, сум бил сведок дека цели албуми се снимале за една ноќ, но и понатаму верувам дека за добро дело треба да се работи темелно, па и нека трае подолго. Навистина, толку се одолжи и нашите обврски со настапите, кои ги имаме три-пет во неделата.
Почитта е секако достоен човечки квалитет? Но, што е со авторскиот момент во твојата кариера?
- Во досегашното мое „легално“ егзистирање на естрадата од 2000 година („илегалниот“ стаж си го сметам од тинејџерството кога пеев од ентузијазам и фасцинација), имам 4 авторски албуми („Суперстар“, „Мултивитамин“, „Анплагт“, „Мај лаки 7“), но имам намера во 2011 година да го издадам следниот авторски материјал. Многу е веројатно и таму да ставам некоја моја „кавер-верзија“. Па светски кариери се изградени врз база на обработки на стари песни. Тоа е слободата на изборот, што не дозволува да се сквернават песните.
Моментално, приоритет, секако, има промоцијата на „Лектира“. Во тој контекст, на 23 декември (четврток) во клубот „Колосеум“, во 21 часот, ќе одржам двочасовен авторски концерт, каде што ќе бидат изведени и „каверите“ од „Лектира“. Сите што ќе купат влезница ќе добијат и ЦД од „Лектира“.
Како еден рокер со избор да биде „урбана легенда“, пред предизвикот на „ѕвезденоста“, како се справуваш со славата? Всушност, како еден рокер опстанува на „шминкерска“ естрада?
Што се однесува до славата, не сум оптоварен со тоа. Ако човек има желба да биде славен - супер е да биде рокер, музичар. Но, јас сакам да си живеам и комуницирам нормално. За големо задоволство доволно ми се малку материјални средства, па не се фрустрирам со некакви големи бројки. Всушност, на нашата сцена постојат луѓе со квалитет и потенцијал и тие си работат. Така што не е се' толку шминкерски и површно. Ѕвездениот синдром е само еден облик на нашата естрада, што е доволно да се девалвира терминот „ѕвезда“. Тој термин подразбира милионски тиражи, а верувам дека цела македонска естрада нема направено тираж од 30.000 продадени албуми, во последниве 30 години. Во такви услови е нереално да се зборува за слава. Во светот на вистинскиот шоу-бизнис владеат други бројки и математики.
Дали навистина само „бројките и математиките“ го потврдуваат квалитетот?
- Не, не се само бројките потврда за квалитетот, но ја определуваат категоријата „ѕвезда“. Светските ѕвезди на концерти имаат публика од десетици илјади. Навистина и Цеца имала концерти со 200.000 публика. Тоа, секако, не е потврда на квалитетот, но не може да се оспорува вкусот и желбите на тие 200.000 луѓе. И тоа ја става во Цеца во „ѕвездените димензии“. Во таква ситуација најлесно решение е да седнеш да плачеш. Но, ако се определиш за нешто, треба чесно и предадено да го работиш. Ако си музичар, треба да настапуваш, да создаваш, зашто се' е неважно ако не излезеш пред публика. |