Потврдено разрешувањето на Дума и Џилвиџиев
Гордана Дувњак
Жалбениот совет на Врховен суд ја потврди одлуката на Судскиот совет, кој ги разреши скопските апелациони судии Виолета Дума и Владимир Џилвиџиев поради нестручно и несовесно постапување, дознава „Утрински весник“ од неофицијални, но сигурни судски извори. Засега не се знае кога ќе биде соопштена одлуката, но, според нашите информации, таа е донесена со мнозинство гласови, поточно во сооднос шест спрема три.
Да биде иронијата поголема, додека деветтемина судии одлучуваа за своите колеги Дума и Џилвиџиев на осмиот кат во зградата на Врховен суд, речиси во исто време, но три ката подолу, министерот за правда Михајло Маневски имаше работна средба со претседателите на судовите. Единствениот министер, кој со име и презиме во извештајот на ЕУ за Македонија беше посочен како закана за независноста на судството, им објаснуваше на претседателите на судовите какви ефекти треба да очекува третата власт од донесените закони.
„Не можам да сфатам мои колеги судии да донесат ваква одлука. Произлезе дека е поважно да им се излезе во пресрет на желбите на министерот Маневски, отколку да се процени дали е почитуван законот“, изјави вчера за нашиот весник разочарано судијката Виолета Дума. Таа уште и додаде дека кога може судии да подлегнуваат на притисоци и да тврдат дека од ист совет двајца судии се одговорни, а тројца не се, излегува дека е подобро да не се биде судија и во исто друштво.
Инаку, двајцата разрешени судии вчера повеќе од еден час одговарале на прашањата на своите колеги, кои требаа да оценат дали погрешно го примениле законот кога во второстепена постапка не се впуштиле во утврдување на идентитетот на турскиот државјанин.
Како што дознаваме, судиите хронолошки се осврнале на целиот случај и ги изнеле потребните факти. Останале на своето тврдење дека не е работа на жалбениот суд да се впушта во утврдување на идентитетот на осудените лица, бидејќи тоа е работа на првостепениот суд. А, како еден од клучните моменти бил посочен фактот дека станува збор за лична одмазда на министерот за правда, Михајло Маневски, кому не му успеа да ја спроведе екстрадицијата на турскиот државјанин.
Постапката за разрешување на Дума беше поднесена во март оваа година, а во јули таа и нејзиниот колега ја обжалија. |