Празнувања
Наближува времето за подароци
Навистина, се вели дека на подарениот коњ не му се гледа в заби, но дамите знаат дека подарокот што ќе го добијат од својот сакан ќе мине низ детална анализа кај пријателките, колешките, мајките, фризерките, козметичарките...
Светот, а ние од поодамна, се навикна на времето на рецесијата. Пред нас е веќе трета сезона на новогодишно-божикни празнувања со предзнакот на кризните времиња, па многумина успеаја да ги усогласат своите навики за дарување според зададените услови. Тоа би значело дека е надминат стравот од рецесијата, но изгледа никогаш нема да биде надминат „стравот“, особено кај посилниот пол, дали е избран вистинскиот подарок. За голем број мажи тоа е многу опасна и ризична мисија, особено ако по одвиткувањето на подарокот во изразот кај својата понежна половина прочитаат дека тоа, дефинитивно, е нешто што не сакала да види.
Навистина, се вели дека на подарениот коњ не му се гледа в заби, но дамите знаат дека подарокот што ќе го добијат од својот сакан ќе мине низ детална анализа кај пријателките, колешките, мајките, фризерките, козметичарките... Дури и девојките што не се материјалисти ќе се обидат да дешифрираат што значи добиениот подарок за врската и чувствата.
Значи, време е за „мал курс“ за тоа што дамите најчесто пронаоѓаат под шарената хартија и целофанот и што мислат за таквите подароци.
НАКИТ
Затоа што накитот е многу скап и лесно се истакнува кога го носите, обично е резервиран за сериозни врски. Ако девојката добие нешто блескаво и скапоцено, таа ќе помисли дека вашата врска е здрава, силна и сериозна. Зошто? Жените се свесни дека мажите не фрлаат пари за нешто патем и нивниот дар ќе го сфатат како израз на голема љубов. Но, прерано подареното злато, сребро, скапоцени камења, па дури и часовници, може да предизвика две несакани реакции:
1. Може да ја исплаши девојката што не е сигурна во своите чувства спрема другата половина.
2. Може да ја изнервира девојката, која мисли дека со скапи подароци нејзиниот сакан ќе ја придобие нејзината љубов.
ПАРФЕМ
Она што жените го избираат за свој мирис е многу единствено и многу субјективно. Со други зборови, момците треба добро да ги познаваат своите девојки за да се упатат во парфимерија и успешно да го изберат вистинското шишенце. Во принцип, се советува момците да го избегнуваат овој подарок ако им е само спас во последен момент, зашто мислат дека сите жени сакаат парфеми. Но, тоа не значи дека ги сакаат сите парфеми и многу лесно можете да западнете во клише. Чувајте се подалеку од парфемите, освен ако не станува збор за нејзиниот омилен, кој веќе со години го посакува. Кратко и јасно.
ГАЏЕТИ
Со оглед дека живееме во ерата на хат-текот, ниту гаџетите веќе не се невообичаен подарок. Пред некоја година би рекле дека такво нешто подаруваат момци „без срце“, кои не знаат што би подариле. Но, денес тие можат да бидат многу итар избор. Без оглед дали се работи за ај-под или за електронски организер, гаџетите се скапи и им даваат чувство на девојките дека заслужиле нешто што ќе им го олесни животот.
Бидејќи може да се изберат според боја, дизајн и разни додатоци, гаџетите на момците им даваат можност да се искажат во изборот на „совршениот“ подарок, земајќи ги предвид потребите и животниот стил на својата девојка. Сепак, малиот совет е да не и' ја земат веднаш од рацете новата играчка и да инсистираат самите се' да средат на неа. Оставете самата да открие.
ПАТУВАЊА
Без оглед дали се работи за егзотично патување или за викенд во блиско туристичко место, ваквиот подарок повеќето девојки ќе го сфатат како знак дека на момците им е важно времето што го минуваат заедно, дека ја ценат врската и дека сакаат едно убаво заедничко искуство. Патувањата се суперподарок и за девојка која „има се' што ќе посака“, или ако момците сакаат да избегнат „материјални“ подароци. Секако, не е излишно да го имаат на ум распоредот на својата сакана, за да бидат сигурни дека во тоа време ќе можат да отпатуваат заедно.
ЈАДЕЊЕ И ПИЕЊЕ
Бонбониерите и виното се подаруваат на соседи, колеги од работа или на роднините што ги гледате еднаш годишно - и не се за девојки. Прехранбените производи се без фантазија, непромислени, па и евтини. Ако станува збор за гурманка, одведете ја во некој новоотворен ресторан, или уште подобро - самите згответе и подгответе вечера со свеќи и романтична музика.
Работата да биде уште покомплицирана отколку што изгледа на прв поглед, момците треба да имаат на ум дека никој не сака да добива подароци на ист штос. Иако изгледа „застрашувачки“ купувањето подарок за саканата, доволно е момците да обратат внимание и да ги прочитаат „знаците“ што ги даваат одвреме-навреме девојките. (Ј.П.) |