Банкноти
САД ставаат 110 милијарди долари во бункер
Проблемот со печатење на новите банкноти од 100 долари, изработени со помош на висока технологија, ја принуди американската државна печатница на пари да прекине со печатењето и да стави надвор од промет повеќе од една милијарда банкноти. Банкнотите со грешка чинат повеќе од 10 отсто од американските пари на целата планета и се чуваат во огромни сефови во Вашингтон и Форт Ворт во Тексас, додека федералните резерви очајнички се обидуваат да го решат проблемот.
Печатницата на пари, во меѓувреме, повторно започнала да ги печати старите банкноти од 100 долари, без високотехнолошките безбедносни карактеристики, за да се спречи недостатокот од готови пари.
Новите банкноти требало да содржат нови безбедносни карактеристики, како што се 3-Д сигурносна лента и слика на ѕвоно што ја менува бојата. Овие карактеристики што ги најавуваа Министерството за финансии и Федералните резерви со голема помпа, креирани се за спречување на фалсификување.
Се покажа дека оние што ги осмислиле новите банкноти биле преамбициозни. Процесот на производство на една милијарда вакви банкноти, со сите безбедносни карактеристики е толку сложен што ја збуни владината печатница за пари. Изворот, кој се согласил да зборува за каналот Си-Ен-Би-Си тврди дека печатницата произвела 1,1 милијарда нови банкноти, но дека се неупотребливи поради туткање на хартијата.
Бидејќи не може да се утврди кои банкноти се дефектни, тоа значи дека сите отпечатени 110 милијарди долари мора да заминат во карантин. |