Мислења
Теории на заговор
��илип Петровски
Ако не се обединат лидерствата, може да се обедини граѓанството зад идејата за обединета опозициска десница, а во тоа нема теорија на заговор
Нашите новинари и колумнисти доколку не им одговориш кога ќе изнесат одредена теорија на заговор, главно, мислат дека се плашиш да одговориш или дека немаш што да кажеш на нивните тврдења. И можеби поради тоа секој си пишува што си сака, односно се' си минува. Не исклучувам дека одредени тези се пуштаат во јавноста за да се провери нивната резистентност, за да се тренира, за да се отупува и народот да стане маса, која може да прими се'. Секако, зад одредени теории стојат властите, државните органи, кои нив намерно ги пуштаат за да се дезавуира јавноста, односно да и' се одвлече вниманието кон сосема небитна насока. Па, така, карванот да си врви, без да се забележи вистинската суштина на нештата.
Никола Младенов од „Фокус“ неодамна објави една ноторна невистина. Наводно, сум се сретнал со Сашо Мијалков. И тоа беше издвоено во неговиот неделен коментар како поента. Се јавив да прашам зошто е објавена таква невистина, на што тој ��дговори дека средба – имало! Толку беше убеден во таквата средба што и мене ме убедуваше дека на неа сум учествувал. И тоа упорно. Проверив како се родил муабетот. И други луѓе ми потврдија дека некои припадници на МВР, задолжени за ширење приказни, приказната ја рашириле, колнејќи се во најмило дека се' е вистина! Се разбира дека не е вистина. Некој ќе рече - па што се правдаш ако не е вистина. На тоа одговарам дека ако сум се сретнал со Мијалков, немам намера да го кријам тоа. Јас сум слободен човек и ќе се среќавам со секој со кој ќе оценам дека треба да се сретнам. Па, сепак, вака изгледа заговорнички дека ние сме се сретнале и којзнае што сме разговарале.
Потврдено е дека народот сака теории на заговор, скришни работи. Сценарија каде што недостасуваат многу елементи за да може да си ги дополнува секој самиот според сопственото гледање на работите. Затоа секаде во светот ваквите теории секогаш добро поминуваат и добро го зголемуваат тиражот. Ми се чини дека и во овој случај се игра на истата шема. Ќе се каже штуро една дезинформација и се пушта натаму јавноста да ја надградува. Како што кажав на почетокот на овој текст, на оваа провокација не одговорив. Едно време се мислев да одговорам, дури и Младенов ме убедуваше да си пишам демант, но само во неговиот весник. Не одговорив.
Во меѓувреме се случија немилите настани во Обединети за Македонија. Апропо погоре наведеното, интересно е што пред да се објави шпекулацијата во неделникот, таа ми беше презентирана од еден член на раководството што беше задолжен по се' изгледа да ја рашири внатре за да ме дискредитира. Знаете, оној што е дискредитиран е принуден да молчи, да не коментира, да веднее глава затоа што е во наша милост и ние можеме да правиме со него што сакаме. Но, не помина сценариото. Инсистирав да се открие кој ја измислил приказната и се' по ред се дозна. Она што можеби народот не го знае е дека пред тоа бевме на Годишното собрание на бранителите, истиот ден. Еден извонредно силен настан, набиен со емоции - потсетување на воената година и судбините на македонските херои што сега се наоѓаат на маргините на општеството... Затоа беше погодно во оваа теорија да се спои дека по средбата со бранителите сум се видел со Мијалков. Каков ли заговор сум скроил!
Никако не им е јасно на некои вжештени глави, кои сакаат да се доберат до власт по секоја цена, но и на погоре споменатиот новинар, зошто се' уште сум директор во Библиотеката. Изгледа дека имам некој договор со Никола Груевски. Инаку сигурно ќе ме избркал досега. Притоа никако да сфатат дека во оваа држава има закони, судови и владеење на правото. Всушност, тоа е и дефиниција на секоја нормална држава. Имав притисоци од власта во Библиотеката, на што одоговорив дека нема да се менувам, дека ќе пишувам слободно и дека ќе критикувам тоа што мислам дека не е во ред во општеството. Па, и да бидам сменет насила. Зад мене стојат резултати, кои се проверливи, програма, која е исполнета и задоволни читатели. Повеќе од тоа и не е потребно. Ама зад мене стои и конкурс заедно со закон што кажуваат дека мандатот на избраниот кандидат трае 4 години. Крајот на мандатот е во септември оваа година. Просто! Нема некоја голема филозофија. Нема никаква теорија на заговор. На градоначалникот Трајановски му кажав дека ако сакаат да ме сменат, веднаш ќе си заминам, дека нема да правам никаков проблем, но дека заштита на правата ќе си ги барам на суд. Тоа го мислев тогаш и зад тоа стојам и сега. Нема потреба сосила да се држи ниту една позиција. Од позицијата треба да произлегува добрина и резултати за граѓаните, а во тоа сум повеќе од сигурен дека сум успеал.
Па, така, може и Младенов да дојде во библиотеката и да се увери за што зборувам и за што пишувам. Дури и „Фокус“ пишувал пофални стории за спасувањето на архивата на „Нова Македонија“... ама кога станува збор за воведник изгледа се' е дозволено и се' претходно се заборава. Се забораваат пријателските и приватни разговори. Мислам дека борбата за тираж не смее од нас да направи луѓе подготвени на се'. Мора да се има некоја долна граница. Лимит. Некоја морална вертикала.
Најновата теорија на заговор е дека со Љупчо Георгиевски сум конспирирал против Љубе Бошкоски. Леле, леле! Ова можеше да го смисли само мал и ограничен ум. Кој се плаши од големи поместувања. Затоа што се конформирал со очекуваната состојба дека ќе се дојде до позициичка од која ќе може на државни јасли да се живее, во коалиција со СДСМ. Се разбира дека со Георгиевски се сретнав. Беше тоа јавна средба. Забележена од медиумите. Се сретнав за да видам како стојат работите. Но, не сум се сретнал само со Георгиевски, туку и со многу други. Секој ден се среќавам. Без самоцензура. Мислам дека секој треба да е отворен за дискусии и за средби. Како ќе се гради разбирање ако луѓето не се среќаваат. Па, тоа е и суштината на политиката.
Не знам дали Георгиевски е договорен со Груевски. Она што сакам да знам е дали ќе се создадат услови да се обедини опозициската десница на чиста основа и кој би бил нејзин составен дел. Затоа што вака, како мали фракции (делови), нема да постигнат значителен резултат на избори. Повторувам, ако не се обединат лидерставата (закопани во ровови), може да се обедини граѓанството зад оваа идеја. Моите информации говорат дека ова е реално сценарио. Во него нема теорија на заговор, туку има потреба од нешто ново, кое ќе даде одговор на потребите на граѓаните, наместо на потребите на невработените партиски апаратчици.
(Авторот е доктор на политички науки) |