„Демофест“ во Бања Лука - шанса и за рок-бендовите од Македонија
Целта на „Дем��фест“ не е само афирмација на демо-бендовите од регионот, туку и да и' дадеме шанса на квалитетната музика да исплива на површина и да се пробие низ шундот и кичот Јасминка Павловска
Веќе две години „Демофест“ во Бања Лука (Босна и Херцеговина) е фестивал што им отвора сериозна шанса за продор во јавноста на младите рок-бендови од регионот на бившите ЈУ-простори. Годинава од 21 до 24 јули, Бања Лука повторно ја отвора својата сцена да им помогне на демо-бендовите да прераснат во рок-херои на денешницата. За амбициите и за целите на овој фестивал зборува директорката Бранкица Јанковиќ.
Почетоците на „Демофест“ не се толку одамнешни - од 2008 година. Кој беше мотивот да се организира фестивал во Бања Лука, кој им дава шанса за афирмација на младите бендови (претежно со рок-ориентација) од целиот поранешен ЈУ-регион?
- Идејата за организирање на фестивалот, во агенцијата „ Aquarius Ogilvy“ постои многу долго. По многу успешни проекти, што успешно ги направивме за клиентите на агенцијата, решивме по 18-годишна работа да му подариме нешто на нашиот град, Бања Лука. Така настана „Демофест“, регионален фестивал за демо-бендови од Македонија, Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Хрватска. Целта не е само афирмација на демо-бендовите во регионот, туку и да и' дадеме шанса на квалитетната музика да исплива на површината и да се пробие низ шундот и кичот. Основниот мотив, кој не' води веќе три години во организацијата на фестивалот, е да и' покажеме на јавноста колку одлични бендови се кријат во вежбалниците и во гаражите. Навистина сме пријатно изненадени од фактот дека бендовите не' поддржаа од самиот почеток и дека бројот на пријави од година во година рапидно расте.
Во промотивниот материјал за фестивалот велите дека амбицијата вие е да предизвикате „културна револуција“... По две изданија на фестивалот, како тече револуцијата?
- Револуцијата засега се движи полека, но сигурно. Одличен пример за тоа е бендот „ KillingJazzHardCoreBaby“, чиј албум веќе собра и некои награди, кој свиреше и надвор од границите на нашиот регион и кој јавноста одлично го прифати. „Демофест“ за кратко време се закити со етикетата „традиционален фестивал“ и предводник на регионалната демо-сцена. За три години работа мислам дека навистина можеме да бидеме задоволни со постигнатото. Покрај тоа, забележителен е зголемениот интерес на јавноста за демо-бендовите низ разни музички емисии, натпреварувачки шоуа и слични топ-листи. Сево ова почна да се случува по „Демофест“.
Колку македонските бенови се запознати со постоењето и со програмата на „Демофест“?
- Од почетокот на постоењето на фестивалот македонските бендови одлично изреагираа на „Демофест“. Во првата година меѓу учесниците ги имавме „Рејвен“ од Кичево, кои беа на чекор до освојување на наградата од публиката, како и блескавиот солист Сашко Костов од Скопје, кој и по фестивалот свиреше во Бања Лука. Минатата година, исто така, имавме два бенда од Македонија:„Sound pollution“ и „Constantine Odessa“, кој дојде и до финалето. Она што особено не' радува е фактот што годинава се пријавија многу поголем број бендови од Македонија отколку досега - вкупно 29 бенда. Секако, „Демофест“ има и значителна медиумска поддршка во Македонија и сметам дека македонските бендови се запознати со постоењето и со програмата на „Демофест“.
Од кој дел на регионот се пријавуваат најмногу бендови?
- Најголем е одѕивот на бендовите од Србија, а потоа од Босна и Херцеговина. Минатата година имавме 105 пријави од Србија, а годинава веќе 157. Србија е и најголемата земја од шесте земји-учеснички, така што тоа е и природен след на настаните. Кога се во прашање наградите, секако, тие се основен мотив на бендовите за пријавување на фестивалот зашто секоја од првите три награди ги доведува со голем чекор поблизу до исполнување на соништата за музичка кариера. Првата награда, како и досега е снимање и продукција на албум со минимум 10 песни во професионално музичко студио, медиумска кампања што ќе го следи сето тоа, издавање албум за просторите на шесте земји-учеснички на „Демофест“ и снимање спот во продукција на Ем-Ти-Ви. Втората награда е сценска опрема во вредност од 6.000 евра, а третата во вредност од 3.000 евра. Покрај тоа, тука е и наградата од публиката во износ од 1.500 евра во сценска опрема. Сигурна сум дека секоја од наградите е доволен поттик за бендовите да се пријават и да си ја пробаат среќата.
Освен демо-бедновите, на вашиот фестивал во ревијалната програма настапуваат и афирмирани музичари. Ќе ни откриете ли кој е во програмата оваа година?
- Кога е во прашање ревијалниот дел на „Демофест“, навистина се трудиме сите четири дена, а не само вечерите, да ги исполниме со различни содржини. Секоја година, а така ќе биде и годинава, имаме бесплатни проекции на филмови во локалното мултиплекс-кино. Се одржуваат и изложби на фотографии, работилници на разни теми, кои на присутните бендови, но и на посетителите на фестивалот можат да им бидат многу корисни. Се одржува и натпревар за скејтери, што се одржува на главниот плоштад. По сиве овие содржини на Кастелот не' очекуваат настапите на демо-бендовите, минатогодишните победници, голем ревијален концерт, а потоа и афтерпарти со ревијалните бендови. Кога се во прашање имињата на бенодвите за годинешниот фестивал, ќе ви откријам само дека за отворањето не' очекува еден од најпопуларните британски бендови „ Stereo Mc’s“, кој зад себе има десетина албуми, огромен број фанови и кој досега немал можност да настапува во Бања Лука.
Дали „Демофест“ ја следи кариерата на своите „откритија“ и по завршувањето на фестивалот?
- „Демофест“ секогаш ја следи кариерата не само на бендовите што ќе победат, односно што ќе освојат снимање на албум, туку и на другите бендови, на кои им помагаме околу договарање настапи, упатување на адреси на луѓе што можат да им помогнат околу издавање и слично. Кога се во прашање нашите две досегашни „откритија“:„KillingJazzHardCoreBaby“ и „Prophaganda“ се' се одвива онака како што замислувавме. Патот до афирмација е долг и макотрпен, но на крајот се' се исплатува. |