Број 3305  сабота, 12 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter

Репортажа

Хрватскиот туризам во костец со светската криза

Хрватските острови личат на огромна сцена на која се играат традиционални танци, се јаде добра храна и се пие вино од визбите на полуостровот Пелешац

Даниела Трпчевска

Точно напладне група средношколци со гитари в раце, „ред бул“ и пиво се приближуваат до импозантната тврдина во Дубровник. Сите облечени во розови маички со натпис „Дојдов, видов, едвај поминав“, седнуваат во круг среде Страдун и почнуваат гласно да пеат на главното шеталиште во стариот град, кој спокојно живее зад високите тврдини. Колони туристи, кои штотуку слегоа од трите огромни крузери на пристаништето во Дубровник, со насмевка и' се придружуваат на групата. Додека розовите маички се губат во толпата, од другата страна наидува нова група средношколци. Овој пат во сини маички, нови натписи и нова песна. Одминуваат последните денови од мај, кога средношколците ја слават својата матура во една од најатрактивните дестинации во Европа, хрватскиот бисер Дубровник.  

Додека влегуваме низ источната порта на тврдината наречена Плоче, изградена во 14 век, нашиот водич Франка Франичевиќ раскажува дека на 14 хектари, на кои се протега стариот град зад ѕидините, се' уште живеат околу 2.000 дубровчани, кои не им потклекнале на привлечните понуди на странците за купување на старите куќи што вредат повеќе од злато.

„Полудеа сите да ги купат куќите зад тврдините во Дубровник. Цените достигнуваат и до седум илјади евра за квадрат, а една четвртина од куќа се продава како алва и за еден милион евра. Речиси половина од старите градби им се продадени на странци, кои прават апартмани, а потоа ги издаваат или ги продаваат“, раскажува нашиот водич низ градот.

Мултимилијардерот Абрамович, наводно, секоја година е во Дубровник. Доаѓа, но никој не може со сигурност да го препознае меѓу илјадниците туристи. Жителите знаат дека е тука само по неговата јахта, за која велат дека личат на вселенски брод.

Иако сезоната се' уште не е започната, сепак, улиците на градот се преполни со гости. Во пристаништето Груж секое утро од три огромни крузери и од два брода излегуваат туристите. Околу десет илјади посетители почнуваат да се искачуваат по ѕидините на старата тврдина, вдишувајќи ги духот на некогашниот живот, славното минато и богатата историја. Зад овие тврдини се испреплетуваат приказните на морепл��вците, рибарите, каменоресци, ткајачките на свила и вредните раце на домаќинките, кои посетителите ги привлекуваат со мирисот на свежа риба, слатко од портокали и сушени смокви.

„Родена сум зад ѕидините пред 57 години. Но, кога ќе се сетам на мојата младост, изгубен е духот на стариот Дубровник. Мислам на обичниот живот, на тоа како на овие улици децата безгрижно играа фудбал. Тоа повеќе не може да се види“, вели една средовечна добровчанка, со носталгија во гласот. Додека шетаме по Страдун нашата соговорничка раскажува дека цената за ноќевање во куќите изградени во венецијански стил достигнува и до 90 евра, а надвор од тврдината цената е многу пониска – 30 евра.

Сепак, сиот живот во Дубровник како да се одвива во стариот град, кој личи на огромна сцена на која постојано се играат традиционални танци, се јаде добра храна и се пие одлично вино од визбите на полуостровот Пелешац, а од јули до септември плоштадите ечат од фестивали, театри и карневали. Прошетки по тесните улички на градот, уживање во морска храна нудат ексклузивни ресторани (каде што просечната цена се движи околу 15 евра) или, пак, попладневно кафе на карпите. Посебно доживување е прошетката по пазарите каде што опиваат мирисите на сапунот од маслиново масло од островот Брач и вкусот на слатки бадеми и аранцини (сладок десерт од кората на портокал или лимон).

Бродови на секој половина час испловуваат кон околните острови, кои освојуваат со својата недопрена природа, бујна вегетација и песочни плажи, кои се вистински рај за посетителите. „Глас боут“ или малите бродови со стаклено дно и брзите глисери годинава се главна атракција во Далмација. Додека седите во нив под вашите нозе се движи морскиот свет, нудејќи ви несекојдневно доживување. Со брзите глисери за петнаесетина минути можете да ги поминете сите острови околу Дубровник.

И по��рај светската криза, туристичките работници во Хрватска се оптимисти дека традиционалните гости од Германија, Велика Британија, Франција и од Јапонија нема да ги заобиколат. „Очекуваме солидна сезона, а цените ќе останат исти како и лани, па сместување може да се најде за секого, од 20 евра нагоре“, вели Франо Херендија, прв човек на туристичката заедница на општина Конавле. Тој се надева дека дневниот и ноќниот риболов, едрењето, џип-сафарито, јавањето и истражување на подводните богатства и потонати бродови, ќе биде доволен предизвик многумина да го најдат својот мир и релаксација во Цавтат. Околните планини се идеално место за љубителите на руралниот туризам, каде што во селските гостилници посетителите ќе ги нагостат со „траварица“ како аперитив, домашна пршута и сирење и јагне под вршник.

Со одличните сместувачки капацитети, раскошните хотелски комплекси, развиената патна мрежа, богата понуда за забава, спорт и рекреација, но и изобилството на стари градби и богата историја, Хрватска годишно привлекува повеќе милиони туристи од цел свет. Минатата сезона само во Дубровничко-неретванската жупанија биле регистрирани околу еден милион гости, кои оствариле речиси пет милиони ноќевања.

Ако Дубровник го има најубавото изгрејсонце и идиличната глетка на делфини, кои наутро ги има пред островот Локрум, тогаш најнезаборавните залези на сонцето можат да се доживеат на полуостровот Корчула. Тој се нарекува и мал Дубровник поради тврдините што го обиколуваат градот и островот дише целосно во духот на големиот морепловец Марко Поло, за кој се верува дека е роден токму тука.

Стариот град е како круг, кој за 15 минути целосно може да се обиколи и да се разгледа. Сите улици водат кон центарот, сите се скалести, освен една која нема скали и се наоѓа во стариот дел на градот. Средновековниот град Корчула изобилува со ренесансни градби и во него се' уште живеат традиционалните витешки игри со сабји - морешка, моштра и кумпанија. Островот е опкружен со околу педесетина ненаселени острови. Кога се гледа од воздух личи на рибји скелет.

Особена атракција за посетителите се најдолгите ѕидини, по оние во Кина, кои се наоѓаат во Стон, град познат по школките, особено по камениците, кои дејствуваат како вијагра. Станува збор за еколошки најзаштитена средина, каде што школките се вадат од вода и завршуваат веднаш во вашите чинии.

Последниве години за туристите се' поатрактивен е градот Сплит, кој се наоѓа во средиштето на Далмација, град со илјадагодишна традиција и со една од најубавите шеталишта. Градот под парк-шумата Марјан воодушевува со својата топлина, питом дух, а жителите се познати како големи шегаџии. На култната плажа Бачвице се' уште се игра „пицигин“ (традиционална игра со топка).

Најзначајно место во градот е Диоклецијановата палата (295 -305), која, всушност, е мал град од чија внатрешност опива мирисот на сапуни, маслиново масло и тревки, кои се продаваат во малите продавници за сувенири.

МЛет – остров на љубов,

мир и задоволство



Остров во кој има две езера, а во средиштето на Големото Езеро има уште еден остров. Вака наједноставно може да се опише најфасцинантниот остров на Јадранското море – Млет. Зелениот остров, како што го нарекуваат поради бујната вегетација, ги има најубавите плажи, а уникатен феномен се двете езера, кои со тесен процеп се поврзани со морето. Во средината на Големото Езеро се наоѓа островот Света Марија со бенедиктински манастир од 12 век. Пред 100 години Австрија ги донела мунгосите на Млет, кои жителите ги нарекуваат мангуц. „Тие се побројни и од жителите“, низ смеа вели Марин Перковиќ, нашиот домаќин во Националниот парк „Млет“.

На островот на љубовта, среќата и задоволствата има само еден хотел – „Одисеј“, а цената за сместување надвор од сезона е 25 евра за полупансион, додека во сезона 75 евра. Приватно сместување и ноќевање може да се најде за 25 евра.


#
Статијата е прочитана 732 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Портпаролот на Фондот за здравство не сака веќе да лаже
Скандал до скандал во судството
Панк рок-легендата ќе грми на 20 јуни на Кале
Знамето на Свети Ѓорѓија
Подемите и падовите на ВМРО-ДПМНЕ
МРТ ја откажува „Отворено со народот“
Колачињата на „Кејблтел“
Нема ништо од големото кастрење
Теории на заговор
Големите зданија на малиот Париз
Цената на јасноста
„Демофест“ во Бања Лука - шанса и за рок-бендовите од Македонија
Грците добро се стегнаа, Европа е задоволна
Тестаментот го подели семејството
Националистичката десница ја тресе Европа