Писмо од Лондон
Знамето на Свети Ѓорѓија
Знамето на најголемиот и најбројниот дел од Обединетото Кралство, на Англија, како и на најголемата етничка заедница во Велика Британија, Англичаните, го нема ниту приближно во оној обем, како што може да се види тоа, на пример, во Шкотска
Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Шкотланѓаните го имаат своето знаме со крстот на Сент Ендрју, гордо тврдејќи дека тоа е најстарото во светот. Велшаните мафтаат со своето зелено-бело знаме со големиот змеј на него, а Ирците од Северна Ирска со знамето со кое ја истакнуваат својата блискост, но и посебност во однос на остатокот од Обединетото Кралство. Англичаните, пак, се гордеат со своето знаме Сент Џорџ, што се нарекува така според светецот - заштитник на Англија и на нејзината круна.
Големиот црвен крст поставен на бела основа за прв пат се има развеано уште кога Ричард Лавското Срце заедно со крстоносците му го остави престолот на својот брат и тргна на долгиот поход кон Ерусалим за да го ослободува гробот на Исус Христос од „неверниците“. Крстот на бела основа го имаа на себе коњаниците, но тој беше и врз градите на војниците и на штитовите на борците. Со тоа знаме, многу подоцна, се вршени сите големи истражувања, откритија и освојувања на англиските кралеви, од моментите кога Хенри Осми го натера целата тогашна Европа да се сврти кон него откако за љубовта на една жена се искара со Ватикан и со неговиот папа, се откажа од католицизмот, создаде нова религија (англиканската) на која тој самиот се постави како некаков „папа“, а потоа жестоко почна да ги прогонува, да ги казнува и да ги убива католиците и да им ја одзема земјата, па до изградувањето на англиската флота за најголема и најмоќна во тогашниот свет, од неговата ќерка, кралицата Елизабета Прва.
Денеска работите се сосема изменети. Насекаде во Шкотска може да се види како се вее синото знаме со крст поставен како Х. Кога од Англија влегувате со автомобил во Велс, ќе ве пречека едно огромно зелено-бело знаме за да ве потсети дека сега сте на велшката земја. За Северна Ирска и да не зборуваме, зашто таму се вее нивното знаме, но паралелно со него, кај Републиканците насекаде доминира само знамето на Ирска, затоа што зелено-бело-портокаловата тробојка тие ја чувствуваат како свое национално знаме. Во деловите каде што се протестантите, унионисти, доминира британското знаме, но почесто ќе се вее англиското, од знамето на покраината, кое, инаку е вклучено во правењето на „Јунион Џек“, денешното знаме на Велика Британија.
„Така е многу многу години. За тоа молчиме, иако не ни' е сеедно што сите во оваа земја смеат да го истакнуваат своето знаме, но не и ние Англичаните“, ми се жали, онака во доверба, мојот сосед додека во својот двор го закачува знамето на Сент Џорџ (или по нашки, на Свети Ѓорѓија). Ми објаснува дека и тој како многу други од Англија го прават само во посебни пригоди, како што е сегашното Светско фудбалско првенство, на кое учествува и репрезентацијата на Англија. Знамето на најголемиот и најбројниот дел од Обединетото Кралство, на Англија, како и на најголемата етничка заедница во Велика Британија, Англичаните, го нема ниту приближно во оној обем, како што може да се види тоа, на пример, во Шкотска. Посебно откако таму со локалната влада управува националистичката СНП партија, во Велс или во Северна Ирска, по комплетирањето на процесот на деволуцијата во покраината. Англиското знаме го нема во Лондон и во земјата државните и владините институции, па е редовно присутно само на камбанариите на дел од англиканските цркви, што останало од она дека суверенот (сега британскиот) е врховен поглавар и на црквата и ќе се равиори насекаде за време на големи спортски настани, главно, за фудбалот или за рагбито, каде што Англичаните настапуваат под името на Англија.
Изгледа дека тоа е така уредено одамна уште од моментот кога пред повеќе од 300 години Англија и Шкотска се обединија, правејќи унија, во кој се спогодија владата и парламентот да бидат во Лондон, а двете знамиња да ги спојат и да ги испреплетат, создавајќи го британското знаме. Впечаток е дека воспоставеното правило кој каде го развива своето знаме функционира без потреси, политички проблеми или меѓунационални тензии, сето тоа ставајќи го во рамките на овде омиленото објаснување дека тоа е во традицијата на земјата. Но, работите не се баш најидеални, а тоа странците може да го забележат за време на Денот на знамето, Денот на светецот Сент Џорџ на 23 април, како и за вакви големи спортски настани, како што е Светскиот куп во фудбал во Јужна Африка. Тогаш настанува вистинска трка по големите или малите знамиња со црвениот крст во средината. Се купуваат на големо, голем број домови се украсен со нив, а многу продавници, стоковни куќи, англиски пабови или јавни објекти се закитуваат со знамето на светецот-чувар на Англија.
Претставникот на една од најстарите овдешни фабрики за правење знамиња објаснува дека побарувачката овие денови е рекордно зголемна и тоа благодарение на барањата од разни домашни компании што сакаат да го имаат англиското знаме пред седиштата на своите фирми, па меѓу нарачувачите се и двата угледни лондонски хотела „Риц“ и „Клериџис“, што порано не беше случај. Посебен „специјалитет“ е закачувањето на знаменцата на страничните прозорци на автомобилите, што им дава убава шареноликост на лондонските улици, преполни како и обично со возила во сивилото на облачноста со која е прекриен овој дел од земјата. Никој, меѓутоа, не зборува зашто е тоа така и зошто наеднаш толку голем интерес за англиското знаме. Фудбалот и поддршката на англиската репрезентација, која уште од 1966 година живее со надежта да го повтори успехот кога тогашната генерација фудбалери на стариот стадион Вембли стигна до златниот трофеј и светската титула. Со таа надеж сиве овие години живеат и чекаат и англиските навивачи. Се надеваат и сега како што и пред четири години во Германија, сонуваа да го донесат дома пехарот на ФИФА, во Англија. Оваа година првпат во таа надеж се вклучи и еден британски премиер откако Дејвид Камерон во парлемнтот соопшти дека му посакал успех на Фабио Капело и на целиот тим, во телефонскиот разговор од Даунинг стрит 10 и објави дека знамето на Сент Џорџ ќе го подигне на службената резиденација во време на деновите кога се одржува светското првенство.
Тоа ги воодушеви навивачите, но посебно им се допадна на оние што се залагаат за реафирмација на англиското знаме и бараат тоа да се вее насекаде во Англија, покрај државното. Според нивното објаснување, станува збор за знаме со која е врзана историјата и најславните традиции на оваа земја. Тоа е знамето на англиските кралеви, на црквата, тоа е знамето на Вилијам Шекспир (тој умира на Денот на знамето, на Денот на Свети Ѓорѓија) и тоа не може да се игнорира и потиснува, велат неговите заштитници, кои сметаат дека е навредливо што англиското знаме сега е само во рацете на навивачите, дури и на хулиганите по стадионите и на улиците. Не е во ред англиското знаме да биде отфрлено од државата и од сите што би требало да се грижат за него, а со него да мафтаат само фудбалските и рагби симпатизерите, како и крајнодесничарските групи, како припадниците на Англиската одбранбена лига, на нивните протести против големата имиграција во земјата, реагираат во Ф��ндацијата за заштита на културното наследство.
А токму имигрантите, главно, муслиманите, се најострите противници на развивањето на ова знаме. За нив, знамето „Сент Џорџ“ е симболот на британскиот (англискиот) национализам и верската посебност, па тоа не смее да се врати и да се рехабилитира, така што ќе се развива по државните институции. Угледни муслимански интелектуалци тврдат дека тоа е знамето под кое (крстоносците) во средниот век ги убивале и покорувале муслиманите, па тоа кај луѓето од оваа религија побудува сеќавање на тие настани и го распалува гневот. Наводно, имало приговори од асоцијациите на британските муслимани кои (излезе) дека редовно во вакви прилики на, инаку, ретка експлозија од воодушевување со англиското знаме, се налутени и протестираат. Тоа предизвика повеќе локални власти во Лондон и во делови од Англија, да забранат таксистите во кои сите влегуваат и собирачите на ѓубрето од куќите, да го закачуваат знамето, дури и во овие 30 денови на светскиот фудбал. Тоа предизвика тиражниот „Сан“ да реагира гневно на забраните, нарекувајќи ги „глупаци“ луѓето кои ги донеле о��ие одлуки, но забележливо е дека и овој весник, како и целата медиумска јавност да се прави како да не забележува што се случува. Во интерес на „политичката коректност“ никој на прашањето на знамето не му дава политичка димензија. Посебно се избегнува да се зборува за прашањето, на релацијата меѓу Англичаните и Британците „по род“, со дојденците, муслимани, во интерес на она што на нашите простори се објаснува како „сожителство“, па премолчено со тоа се објаснува и отсуството на знамето на државните и јавните институции.
Секако, со тоа не се почнало за да им се угоди на дојденците кои работите ги паметат по лошо, туку и поради внатрешните состојби во земјата, настојувајќи најбројната нација во Велика Британија да инсистира на британството и на она што ја обединува земјата, прифаќајќи ја посебноста, историјата и традициите на другите три делови што го сочинуваат Обединетото Кралство. Е, сега, сите Англичани многу би сакале кога Шкотланѓаните, Ирците и Велшаните би навивале за англиската репрезентација, уште повеќе што таа единствената од Островите што е присутна на Светскиот Куп, но мојот сосед, чија политичка определеност никако не можам да ја разберам, ми објаснува дека тие не може да ја тргнат настрана својата традиционална нетрпеливост кон Англија и Англичаните, па „повеќе би смрзнале во пеколот“ отколку да навиваат за англиските фудбалери, или уште помалку да го развијат англиското знаме.
|