Матуранти
Брилијантна генерација
Невена Поповска
Матурантите од 1949 година што ја доживеаја 2009 година, во Музејот на Град Скопје го одбележаа 60-годишниот јубилеј и на дијамантската средба ја промовираа монографијата посветена на оваа брилијантна генерација, која од своите редови даде познати творци во речиси сите области на животот, оставајќи траги во уметноста, науката, во универзитетското образование, во медицината, во градежништвото и архитектурата, во археологијата, историјата на уметноста и во многубројни други подрачја.
Претседателот на МАНУ, Георги Старделов, академик Матеја Матевски, професорката Анка Чилиманова, (сега Ѓурчинова), па Георги Сталев Поповски, Димитар Солев, Генади Болиновски, Борис Вишински, професорката Бистрица Крањец, (сега Миркуловска), Дарко Марковиќ, наш познат карикатурист, театрологот, Ристо Стефановски, историчарот на уметност Петар Миљковиќ-Пепек, д-р Борис Мицевски, спортскиот коментатор Ивко Панговски, спортскиот новинар Бранислав Давидовски, радионовинарот Благоја Стефановски,кој во тоа време ја напишал култната песна „Чија си“, професорот од Правен факултет Стефан Георгиевски и уште многу други се дел од оваа генерација која прва почна со гимназиско образование на свој мајчин јазик.
„Ние, едноставно, бевме градители, вели академик Старделов. Затоа нашата генерација треба да се гордее со тој наш градителски чин, а нашата наука, култура и уметност со нас“.
„Учевме без учебници, со прибелешки, секоја недела одевме на локални работни акции. Учествувавме на сите манифестации во училиштето и надвор од него, учествувавме на сите сојузни младински работни акции. Станавме фактор за формирање на некои нови факултети на Скопскиот универзитет, а 90 проценти од нашата генерација станавме академски граѓани“, се присетува Ристо Ќортошев.
Прв директор на Женската гимназијата бил Васил Иљоски, а меѓу професорите се: Вера Нацева-Коробар, Царевна Каваева, Душица Петрушевска, Стојка Спасовска, Симеон Мартиновски, Светомир Марковиќ, додека во Машката гимназија предавале професорите: Олга Оровчанец и Мирко Павловски, Радмила Коџоман, Анастас Теофиловски, Војо Ѓорѓевиќ и Љубо Петровиќ. И сите се едногласни во констатацијата дека станува збор за „исклучително силна генерација, неповторлива“. |