Роси ја обезбеди петтата титула во Мото ГП
Италијанецот победи и во Јапонија и на четири трки до крајот има недостижна предност
Италијанецот Валентино Роси во голем стил стигна до својата петта шампионска титула во Мото ГП, победувајќи во трката за Големата награда на Јапонија во Мотеги. Ова е трета титула за Роси во дресот на Јамаха и негова прва по 2005 година на домашната патека за јапонскиот производител , на која стартуваше од четвртата позиција. Роси воедно ја освои својата шеста титула светски првак во најсилната мотоциклистичка класа по триумфот во класата до 500 кубни сантиметри како возач на Хонда пред тоа натпреварување да прерасне во Мото ГП.
„Тешко е да се споредуваат титули, но оваа дефинитивно дава извонредно чувство“, изјави шампионот. „Годинава се водеше тешка борба. Да се освои првенство со победа во трка е фантастично. Имам освоено тешки шампионати, како првиот со Јамаха во 2004, но во овој морав да вложам повеќе напори за време на трките за да победувам“.
На 29-годишниот „доктор“, како што го викаат, му беше доволно да заврши меѓу најдобрите тројца за да си ја обезбеди титулата на три трки до крајот од сезоната 2008, но тој брзо ги престигна ривалите Кејси Стоунер и Дани Педроса. Роси ја помина „хондата“ на Педроса во шестиот круг, а осум круга подоцна излезе и пред бранителот на титулата Стоунер од Дукати, расчистувајќи си го патот до својата петта гран-при победа во низа.
Австралиецот Стоунер го освои второто место во трката долга 24 круга, а Педроса од Шпанија финишира трет. Тимскиот колега на Роси, Хорхе Лоренцо, заврши четврти, а тргна од пол-позицијата.
Веднаш по влегувањето во целта фановите на Роси му врачија маичка со натпис „Извинете што се задржав!“ на италијански. Сега тој има недостижни 312 поени во вкупниот поредок, втор е Стоунер со 220, а трет Педроса со 209. Следната трка ќе се одржи на Филип Ајленд во Австралија наредниот викенд. (Еуроспорт)
|