Македонија Ѓ.П. го запре Вардар
Ѓорчепетровци победија со 1:0 и му се доближија на еден бод на лидерот од Градски
Македонија Ѓ.П. го совлада Вардар со 1:0 во дербито на саедмото коло во домашното фудбалско првенство, им се доближи на „црвено-црните“ на еден бод разлика и внесе дополнителна неизвеност во трката за шампионската титула. Големите три бода на ѓорчепетровци ги обезбеди Вашингтон во 47 минута по асистенцијата на Брњарчевски. Македонија Ѓ.П. во финишот на натпреварот имаше прилика да уште поубедлив триумф над гостите од Градски, но себичноста на Де Брито го спаси Пачовски по вторпат да ја вади топката од сопствената мрежа. За составот на Илчо Ѓоргиоски ова е четвртата победа во низа на домашен терен и четврта без примен гол. Претходно во скопската населба Ѓорче Петров „настрадаа“ новите прволигаши Хоризонт Турново и Металург, а најлошо мина двократниот првак, Победа, која загуби со 5:0. За вардарци, пак, ова е првиот пораз во новата сезона во македонската прва лига.
Првите 45 минути во дербито ги разочараа гледачите и на стадионот во Ѓорче Петров, а веројатно и оние кои решија да следат малку македонски фудбал на ТВ екраните. Имаше малку игра, малку шанси во пресметката меѓу градските ривали што требаше да даде одговор дали вардарци ќе презимат со комотна предност на врвот на табелата во домашниот шампионат или, пак, дали ѓорчепетровци ќе имаат сили да внесат неизвесност во есенската полуетапа и воопшто во сезоната. Вардар, неочекувано, се однесуваше доста резервирано и повлечено, а играчите на Македонија Ѓ.П. наизглед ја имаа теренската иницијатива, но не успеаја да создадат посериозна шанса за погодок. Па, затоа заслуги за атмосферата, онаа фудбалската, повеќе одат на адреса на навивачите на двата тима, отколку на актерите на теренот.
И во една таква ситуација на тревникот во Ѓорче Петров „црвено-црните“ ја имаа првата прилика за водство во 12 минута, но тоа не се се случи како последица на добро одработена акција туку грешка на голманот Павловиќ. Во желба да фати една висока топка, излезе надвор од шеснаесетникот, а судијата досуди индиректен удар. Веднаш беше проигран Милисављевиќ, но тој беше непрецизен иако се најде во поволна позиција. Четири минути подоцна возврати и составот на Македонија Ѓ.П. Вашингтон мошне итро се обиде да го лобува Пачовски од тешка позиција, меѓутоа за среќа на чуварот на мрата на вардарци топката за неколку сантиметри мина крај голот. И тоа беше се' што понудија фудбалерите на двете екипи во првото полувреме.
Крвната слика на дербито беше поправена во вториот дел. Не само поради постигнатиот гол туку и поради играта што беше прикажана. Домашните обезбедија водство по само две минути игра во продолжението, па вардарци беа принудени да да се отворат, да фрлат се' на една карта во обид да го избегнат првиот сезонски пораз. Достаниќ во игра во нападот го уфрли Баевски, ја засили средината со искусниот Мегленски меѓутоа ниту едниот ниту другиот, ниту, пак, Милисављевиќ, Јанчевски и Масев кои што обично се задолжени за голови, не успеаја да ја надмудрат домашната одбрана и на крајот поразени го напуштија стадионот во Ѓорче Петров.
Македонија Ѓ.П. - Вардар
Полувреме: 0:0. Стадион во Ѓорче Петров. Гледачи: 1.500 Гл. судија: Димитар Мечкаровски. Помошници: Душко Милошевски и Џенад Хајдари (сите тројца од Скопје). Ж. картони: Вашингтон, Илиевски (Македонија Ѓ.П.), Љубисављевиќ, Станишиќ, Јанчевски (Вардар). Стрелци: Вашингтон во 47 минута за Македонија Ѓ.П.
Македонија Ѓ.П.: Павловиќ, Илиевски, Амбурет, Митрев, Мојсов, Милевски, Лена, Брњарчевски (Ивановски), Вашингтон (Деспотовски), Де Брито, Оса (Келечоски). Тренер: Илчо Ѓоргиоски.
Вардар: Пачовски, Вајс, Станишиќ, Ѓошевски, Љубисављевиќ, Милисављевиќ, Положани (Петров), Масев, Муса (Баевски), Јанчевски, Глигоров (Мегленски). Тренер: Ратко Достаниќ. (С.Д.)
|