11.05.2012, 17:47 Стотици илјади километри потрошени на Чикаго
Вратата на НАТО не била толку отворена колку што се слуша од Алијансата
Американскиот помошник-државен секретар за Европа и за Евроазија, Филип Гордон, предупреди вчера од Вашингтон дека некои земји-членки на НАТО се скептични во однос на проширувањето на Алијансата.
„Ќе бидам искрен. Сите членки на НАТО не гледаат со ентузијазам на проширувањето. Понекогаш е потребно време за решавање на проблемите“, изјави тој на дебата во Сенатот. Гордон е првиот висок функционер кој потврдува дека вратата на НАТО не е толку отворена колку што се декларира од Алијансата и дека, како и во ЕУ, има отпор од некои земји да продолжи процесот на проширувањето.
Во Македонија, пак, почна алиби кампања за очекуваниот неуспех во Чикаго, со порака до јавноста дека од наша страна се' беше направено, така што одговорноста треба да се бара на друга.
„Совеста ни е чиста за НАТО-интеграциите, затоа што направивме се' што беше во наша моќ. Не се штедевме, лобиравме секаде каде што можевме, работевме претходно на сите потребни работи“, изјави премиерот Никола Груевски, со оцена дека не само што вложиле максимум околу ова прашање, туку и повеќе. Според него, изминатиот период имало огромна активност за лобирање и презентирање на аргументите на Македонија.
„Сретнавме огромен број воени структури на НАТО, политичари, претседатели на држави, премиери, министри за надворешни работи и за одбрана. Изминавме веројатно стотици илјади километри трудејќи се да стигнеме секаде каде што можеме за да ги презентираме ставовите на Македонија и она што го има како аргумент во целата оваа работа“, рече Груевски, заклучувајќи дека единствена пречка за членството во НАТО е блокадата од Грција.
Според списокот кој во текст од двесте реда го објави агенцијата МИА, премиерот, претседателот Ѓорѓи Иванов, шефот на дипломатијата, Никола Попоски, министерот за одбрана, Фатмир Бесими, и вицепремиерката Теута Арифи оствариле над 40 лобирања, т.е. патувања во последниот период на кои го отвориле прашањето за приемот во НАТО, така што испаѓа дека стотиците илјади евра потрошени за тоа се пропадната инвестиција Од списокот се гледа дека најмногу патувал шефот на дипломатијата, а екстремно малку шефот на државата (три патувања), дека од министрите највисоко ниво на средби добил Фатмир Бесими, кој со Теута Арифи имал највисок третман во САД (стигнале до државен секретар), дека најмногу посети се остварени во Брисел и во САД, дека сите се изредиле во Велика Британија, вклучувајќи го и Трајко Вељаноски, дека во Грција одеа само министри Албанци, а со бугарските средбите, со исклучок на една, биле на настани во странство, иако Софија е на дофат на Македонија. (С.Ј.) |