Докторката Јаневска се врати како прв попишувач
Некогашните љупчовисти се на чело на пописот околу кој веќе се крева политичка бура
Александра М. Митевска
Весна Јаневска, која еден период беше препознатлива како ударна тупаница на ВМРО-НП и како блиска соработничка на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, се враќа на јавна сцена откако околу две години беше во политичка апстиненција. Јаневска, која по професија е доктор по медицински науки - патолог, во наредниот период ќе има и друга преокупапација - ќе биде главна за пописот, кој ќе се спроведе во април следната година и ќе чини околу 14 милиони евра.
Владата неделава ги избра дваесетината члена на Државната пописна комисија, за чиј претседател е именувана токму Јаневска. За неа, не е проблематично тоа што еден лекар ќе ја предводи сложената статистичка операција, која отпочеток се исполитизира поради вревата што ја кренаа опозициските партии на Албанците.
„Зад мене имам пратеничко искуство и долг политички стаж. И воопшто не се сомневам дека ќе можам да одговорам на задачата. Никогаш не сум се штедела кога треба да работам за мојата држава“, ни изјави вчера Јаневска.
Но, од ВМРО-НП, партијата чија в.д. претседателка беше Јаневска (веднаш по нејзиното формирање), не мислат така. Актуелниот претседател на Народна, Марјан Додовски, не гледа логика во тоа патолог да биде на чело на Државната пописна комисија. „Пописот е мошне чувствителна работа и неодговорно е да не се води сериозна кадровска политика по тоа прашање. Можеби утре ќе им текне да пуштат некој географ во болница да прави сериозни операции од кои зависат човечки животи“, вели Додовски. Сепак, тој не е изненаден од тоа што Владата ги поставува на влијателни функции некогашните функционери на Народна. Впрочем, и директорката на Државниот завод за статистика, Благица Новковска, дојде на функцијата како кадар на ВМРО-НП, која во 2006 ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ по принципот на малцинска влада.
„Очигледно, ние сме непресушен расадник на кадри за ВМРО-ДПМНЕ, од каде што не сфаќаат дека тие што еднаш ја предале политичката опција на која и' припаѓале, тоа може да го сторат повторно. Сепак, во Народна и моментално има барем седум луѓе што би биле посоодветни за ’први попишувачи‘ од Јаневска“, нагласува Додовски.
Јаневска, пак, посочува дека не е назначена од ВМРО-ДПМНЕ, туку од Владата. „Можни се секакви шпекулации и варијации на тема. Но, вистината е дека јас никогаш не сум и' свртела грб на десничарската политичка ориентација“, истакнува таа.
Јаневска ги дочека предвремените парламентарни избори во 2008 како независен пратеник откако во 2006 година го доби мандатот како ностител на листа на ВМРО-НП. Во последните две години таа не беше активна на политичката сцена, иако повеќето личности од нејзиното најтесно опкружување во ВМРО-НП сега се на високи позиции во Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на интегративците, кои, пак, во 2006 беа „неподобни“ партнери за Народна.
Во претпретходниот попис за претседател на тогашната Државна пописна комисија беше назначен либералот Зоран Крстевски, кој во тоа време беше вицепремиер во владата на Георгиевски. Тој остана на функцијата и за време на попишувањето - кон крајот на 2002, односно во мандатот на СДСМ, за пред финализирањето на резултатите „мистериозно“ да поднесе оставка. |