Женски муабети
Бракот не значи ништо, а љубовта е се'
Лабина Митевска, актерка и директорка на „Манаки“
Првпат зборува за својата друга страна, љубовта, за заедничкото живеење и за семејството
Валентина Тодоровска
Да почнеме со инстант-психологија, од констатацијата на Фројд дека детето е таткото на човекот. Какво девојче беше ти? Што те врзува за детството и како вие, тројцата, функциониравте?
- Детството го паметам како убаво и весело. Прекрасни моменти ме врзуваат за него, се сеќавам на хармонијата и балансот. Детство во кое многу игравме, пеевме, рецитиравме, читавме, раскажувавме, опсервиравме, патувавме, слушавме музика, одевме во музеи и трчавме во паркови. Се сеќавам дека секоја вечер во 19 часот гледавме цртани филмови, потоа пиевме млеко и си легнувавме. Имавме соба со три кревети на кат, Теона спиеше најгоре, јас во средина и Вук долу. Секоја вечер татко ми ни раскажуваше приказни, кога се' уште не знаевме да читаме. И тоа беа приказни без кои не можевме да заспиеме - за различни светови, полни со неверојатна фантазија. Секоја вечер патувавме во нов свет и нови димензии. Потоа, кога потпораснавме, раскажувањата ги заменивме со книги кои самите ги читавме пред легнување.
Потекнуваш од уметничко семејство. Сигурно ти беше полесно отколку на другите деца кога е во прашање креацијата. Колку сте врзани меѓусебе и денеска?
- Со нашите родители - многу. Тие ни се најголемите поддржувачи во се' што правиме, но и најголемите критичари. Тие првите ја гледаат нашата креација, што и да работиме, учествуваат во раѓањето на секоја наша идеја, неуморно не' трпат и ден-денес по дваесет часа на ден. Но, нема штедење кога е во прашање критика - тие без двоумење ни кажуваат се', најискрено: „Ова лошо го реализиравте, таа идеја е одлична, во тоа интервју ништо не кажа“... Ах, тие се навистина неверојатни, прекрасни родители. Се надевам дека еден ден кога ќе имам фамилија и деца, ќе можам да бидам родител како што се моите. Комплетно посветени на нас, неуморни поддржувачи, реални посматрачи, искрени критичари, секогаш полни со љубов.
Професионалните почетоци многумина ги врзуваат за твојата среќна ѕвезда, Манчевски, „Пред дождот“... Кога сега ќе се сетиш на тоа, што помислуваш?
- Мојата професија е многу чудна и сурова. Во филмскиот свет постојат строги правила, а тие треба да се уриваат и да се воспоставуваат нови. Дефинитивно дека е потребно среќа за да влезеш и да почнеш да пливаш во него. За мене беше среќа што ме избра Милчо мене и што веруваше во мојот талент. „Пред дождот“ е навистина одличен филм, и од денешна перспектива, кога го гледаш по повеќе од петнаесет години, можеш повторно да тврдиш дека навистина е едноставно и многу добро филмско остварување. Потоа, некако работите тргнаа по својот пат... Имав понуди, добив добри агенти во Англија и секогаш претпазливо ги избирав филмовите на кои сум работела или ќе работам. Во мојата професија нема место за непрофесионалност, аматеризам. Секоја нова улога, доколку е добра, ти носи ново остварување, а доколку си ја направила лошо, може преку ноќ да те исфрли од колосек и од филмската индустрија. Токму поради тоа, секоја улога ми е важна, секој филм што сум го изработила и го работам со полна посветеност, љубов и знаење.
Колку си своја на своето со ангажманот на фестивалот „Манаки“? Колку ја засака Битола?
- „Манаки“ е нов предизвик за мене, ново бебе кое треба да го исчувам и да го застанам на нозе. „Манаки“ е нешто што дојде, што ми претставува реален товар, бидејќи едноставно ми зема многу време, кое и така го немам, но „Манаки“ е нешто што го работам од љубов спрема мојата земја, од љубов спрема мојата професија. Тоа е реалноста. Веќе седумнаесет години сум во филмскиот бизнис и секогаш сум чувств��вала дека треба да се дава, да се споделува, да се разменуваат искуства и знаења и дека е тоа единствен начин Македонија да оди напред. Некако сме сведоци дека во изминатата декада секој најсебично во Македонија грабаше и граба за себе, нема свесност на колектив, на заедничко живеење, на морални вредности, сето тоа некако го загубивме. Сметав дека „Манаки“ може и треба да биде првенствено светски фестивал, дека можеме и треба да докажеме дека во Македонија можеме да имаме фестивал со светско реноме. Сметав дека контактите што ги имам можам и морам да ги споделам за го застанеме фестивалот на нозе. И Битола е навистина публика, луѓето се апсолутно прекрасни и фестивалот им припаѓа ним. Мислам дека сме на прав пат, но има уште многу работа. Најубавото околу „Манаки“ е дека силите се здружени, работите се поместуваат.
Што е со емотивната стабилност, исполнетоста? Колку е тоа важно за да замавнеш и со полни крилја да летнеш, давајќи максимум во работата. Што вели твоето срце - разумот или чувствата?
- Јас сум голем емотивец и ниту еден ден во својот живот не би можела да го работам она ш��о не го чувствувам, што не ме исполнува и не ме возбудува. Јас сум неуморен работник, можам и работам по 24 часа на ден, но тоа што го работам мора комплетно да ме исполнува и да ме прави среќна. Навистина. Во животот многу повеќе ги следам чувствата отколку разумот, но доколку ги прашате моите најблиски, тие ќе кажат дека е обратно. Кај мене за секоја работа преовладуваат чувствата, но тоа знам да го совладам, а потоа да ги вклучувам и разумот и практичноста.
Живееш со своето момче со години, значи срцето ти е на место. Каква иднина сакаш за вас, двајцата? Бракот го сместуваш во работите што треба да ги направиш до 35-тата? Или - и без тоа, убаво е човек да има со кого да ги дели мислите, постелата....
- За мене бракот не значи ништо, а љубовта ми е се'. Заедничко живеење, љубов, поддршка, разбирање, тоа се приоритетите. Делење среќа и тага, на болка и на прекрасни моменти, споделување на животот онаков каков што е и каков што ние го креираме. Сепак, ние сме креаторите на нашите животи, ја имаме палката со која одлучуваме и за нешто даваме зелено светло, а за нешто црвено. Лесно знам да бидам среќна, се трудам да сум позитивна, да уживам и во најмали работи. Мене ми е потребен внатрешен мир, без него не можам да функционирам. Се сеќавам дека со мојот партнер пред многу години бевме првите што се иселивме од дома и започнавме заеднички да живееме во стан што го најмивме. Тоа беше шок и за нашите родители и за нашите пријатели. Многу е чудно што некои работи се толку нормални и природни за светот, а толку бавно и тешко се прифаќаат во Македонија. За мене е неприфатливо дека кај нас луѓето над 25. година се' уште живеат со своите родители. Едноставно е поздраво и понормално за време на студии децата да се одвојуваат и да започнуваат свој живот, да се борат за него и да егзистираат во него. Па, целиот свет така функционира, студенти студираат, работат по две-три работи, плаќаат кирија и храна, земаат кредит за да го платат образованието и тоа е нормален процес на осамостојување и созревање на личноста.
Знам дека си супертетка. Размислувањето за децата го врзуваш само за минлива мисла или би сакала...
- Каелиок, синот на Теона, е нашето дете, дете на нашата фамилија. Тој е најпрекрасниот мал човек што го имам запознаено. Децата се искрени, чисти, неоптоварени и многу често најдобриот совет може да дојде од нивната мала главичка.
Што ја прави жената убава? Кон што си критична кога е во прашање надворешноста? Колку ти годат промените што се составен дел од твојата работа?
- Мене лично надворешниот изглед многу не ме интересира, не ме привлекува. Работам во индустрија која многу време насочува кон надворешноста и тоа е дел од мојата професија. Но, кога сето тоа ќе го отстраните, останува само она што го носите со себе. Секојдневно сретнувам луѓе кои физички се многу убави, но и многу празни. Убавината не значи ништо доколку не постои и внатрешното „нешто“. Мојата професија ме научи да експериментирам и да се менувам. Секоја улога, секој карактер носи промени. Еднаш треба да си со куса, другпат со долга коса, црна, па руса...И знаете што? Уживам во тие мои нови лица. Искрено, не би можела цел живот да изгледам исто или да имам иста коса. Сега, на пример, пуштам коса зашто во новиот филм на Теона треба да имам многу долга коса. А потоа? Ќе видиме.
Гардеробата, облеката, исто има, крие, порака за нас. Како стоиш со шопингот, со естетиката, боите, моделите...?
- Да, облеката е дел од нас самите и од естетиката што ја поседуваме. Ама, јас не сум од оние што купуваат постојано, значи во продавница ретко може да ме видите. Инаку, сакам да откривам млади дизајнери со уникатни креации, и ми се случува да откријам некого и да купам пет-шест парчиња што ми се допаѓаат и потоа подолг период сум мирна. Ја сакам црната боја и не комбинирам многу, а тоа е жално, зашто облекувањето е уметност и навистина е талент да комбинираш бои, форми и текстил, а јас го немам тоа. Ама знам кој има. Мајка ми! Таа е царица за тоа и таа навистина ми помага постојано да искомбинирам парчиња, бои... Ако ја натерам, може да ми сошие и фустан кој потоа го носам со големо задоволство.
Многу патуваш. Каде најдолго се задржуваш? Каде ти е најубаво сега пред Нова година? И - што најчесто сакаш да има на празнично мени?
- За мене патувањата се апсолутно највредното нешто што можам да го правам во животот. Материјалните нешта не ме интересираат - коли, станови, мобилни телефони... Тоа не е неопходно за егзистенција и така гледам на тие работи. Но, она што останува во мене се патувањата. Ги сакам кога се насочени кон Далечниот Исток, во деловите од светот што не ги познавам, сакам да видам, да почувствувам, да искусам, пробам различна храна. Задолжително е кога патувам претходно да направам мапи и процени, што сакам да видам и каде треба да отидам... А пред Нова година ми е најубаво да сум дома со моите блиски. Што да ви речам - вљубена сум во белината на снегот, топлината на домот. Што се однесува до храната, и не сум некој јадач. Не сум многу по месото, сакам полесна храна и, да бидам искрена, опседната сум со здрава храна.
Можеби моето живеење надвор од дома, патувањата, ме насочија на овој начин на исхрана. Жално е што во Македонија, во земјата на зеленчукот и овошјето, толку нездраво се храниме. На толку здрава почва, прекрасна природа... И да се вратам на Нова година - сарми, руска салата, печено месо, кифлички, ќе бидам умерена во сите тие гурманлаци.
Кои ти се најголемите стравувања во врска со иднината, глобално?
- Најмногу стравувам за светот во кој живееме. Стравувам за нас самите, за оваа планета. Некако работите галопирачки се мену��аат, а ние апсолутно ништо не правиме во однос на тоа или, пак, малку можеме како поединци, како да сме научени некој таму некаде да мисли на се' што сите не' засега. Пред извесно време слушав на Гардијан интервју со Ентони и Џонсонс и со Бјорк, кои зборуваат токму за тоа, за промените, за глобалното затоплување, за немање доволно ресурси, за стравувања за овој свет и на кој начин пробуваат да дејствуваат. Мислам дека е клучно секој од нас да дејствува, да имаме свесност и да се бориме за овој свет и за оваа планета. Бидејки навистина немаме друг избор, нема каде да одиме.
Има една прекрасна песна на Ентони „Lyrics to Another World“ што би сакала да им ја подарам на сите луѓе. За Нова година.
n Се сеќавам дека со мојот партнер пред многу години бевме eдни од ретките што се охрабрија да се иселат од дома и да започнат заеднички да живеат во стан под кирија
n „Манаки“ е нов предизвик за мене, ново бебе кое треба да го исчувам и да го застанам на нозе. Нешто што го работам од љубов спрема мојата земја, од љубов спрема мојата професија
|