Последното шоу на Лари Кинг
Кралот на интервјуата синоќа се појави последен пат со препознатливите трегери
Ерата на Лари Кинг заврши долго време пред нег��вото шоу. Тој е симбол на времето кога мажите беа мажи, жените требаше да се мажат, а познатите личности требаше да бидат почитувани. Тоа време беше добро за него.
Кинг обезбедуваше големи имиња, бидејќи тие знаеја дека нема да бидат фатени во заседа со тешки прашања или, пак, дека ќе бидат прекинувани. Публицистите го сакаа, меѓутоа, публиката го надрасна. Шон Хенити, Рејчел Медоу, па дури и Џои Бехар го надминаа во рејтингот, па се' поочајната Си-Ен-Ен почна да бара свежи, непристојни лица за спас. Андерсон Купер и Кети Грифин ќе го претставуваат каналот на новогодишната вечер, а 77-годишниот Кинг ќе биде заменет следниот месец од Пирс Морган, кој ветува дека ќе биде „повозбудлив и малку поопасен“.
Меѓутоа, го сакале или мразеле Кинг, мора да му го признаете следново: тој обезбедуваше гости што никој друг не можеше да ги обезбеди. Тој разговараше со Тами Феј Меснер, која боледуваше од рак вечерта пред да почине. Првото постзатворско интервју Парис Хилтон му го даде на Кинг. Во 1994 година, кога изолираниот Марлон Брандо дозна дека со договор беше обврзан да ја промовира својата книга, тој лично го избра Кинг за таа цел. „Вие сте многу отворен, искрен, директен и не' искористувате“, му кажа Брандо пред камерите. „Благодарам, сега темата сте вие“, одговори Кинг. Ова интервју беше класика на „Јутјуб“, неповрзан, филозофски натпревар сличен на неговото бизарно појавување во „Апокалипса сега“, но со подобро осветлување.
Не беа обелоденети имињата на гостите за синоќешното последно шоу на Кинг, иако Кети Курик, Дајан Соер, Доналд Трамп и Марио Куомо беа спомнати. Меѓутоа, апсолутно секој би можел да се појави. Меѓу гостите на Кинг беа личности од Нелсон Мандела до Леди Гага и Стивен Слејтер, налудничавиот стјуарт во „Џетблу“. Тоа е и оставината на Кинг; тој има направено 50.000 интервјуа за време на кариерата во радио и во ТВ, а ќе продолжи да се појавува во специјални програми на Си-Ен-Ен.
Меѓутоа, Лари Кинг не би бил Лари Кинг без ТВ-програма во живо.
Кинг никогаш не веруваше во нешто како што се глупави прашања. Ако нешто не знаеше претпоставуваше дека и неговите гледачи не знаат. Кога Кинг во март го праша Снуп Дог каде ја чува ергелата од автомобили, тој одговори: „Имам малку простор што го нарекувам кучешко дувло пред дворот, ме разбираш што кажувам?“ „Не, не разбирам, Снуп“, одговори Кинг.
Негов најдобар потег беше отвореното препознатливо зен-прашање: „Вашите размислувања?“ Немаше ниту погрешни одговори. Но, Кинг никогаш не призна дека е лесен за разговор. „Не знам што е софбол- прашање“, изјави тој неделава за „Њујорк тајмс“. „Се' што знам е дека немам агенда. Поставувам кратки прашања и го слушам одговорот“.
Не само што изумре ерата на учтиви интервјуа, туку Си-Ен-Ен планира да танцува на нивниот гроб. Замената на Кинг, вообразениот Морган, беше критикуван за нарушување на приватноста на познатите личности кога беше уредник на весникот на Руперт Мардок.
Морган е ненадминат во областа на создавање непријатели. За Мадона рече: „Таа е многу здодевна. Таа е премногу вегетаријанец за ТВ. Сега ја имаме Леди Гага, па на Мадона и' е забрането во моето шоу“.
Кинг никогаш не би бил толку кратковид за да му забрани некому да биде во неговото шоу. Тој ја имаше понизноста да знае дека интервјуто не треба да биде за него. Но, и тоа мислење, исто така, излезе од мода. (Чикаго сан тајмс) |