Визите ги нема, животот не ни се смени
Со „билетот во еден правец“, македонските граѓани ги загрозуваат односите на Македонија со ЕУ, вели Тања Фајон од ЕП
Тамара Грнчароска
На 19 декември пред една година падна шенгенскиот зид за македонските граѓани. Визниот режим, што траеше речиси две децении, пред една година, конечно, стана историја. Тој остави зад себе мачни слики на долги редици и турканици пред амбасадите на земјите од ЕУ, што понекогаш ескалираа во инциденти или срамни и апсурдни барања да се докаже целта на патувањето, па и играње оро. Дискриминацијата на македонските граѓани затскриена со визниот режим, остави цели генерации Македонци затворени во сопствената држава, со ограничена можност за движење, што последните години се сведе на само пет држави од Европа.
„Визната либерализација е успешна приказна, како за Македонија, така и за ЕУ“, тврдат во Министерството за надворешни работи, според кое, безвизниот режим во шенгенската зона се спроведува без поголеми проблеми. „Позитивните ефекти од визната либерализација се гледаат преку зајакнатата економска и политичка соработка со земјите од ЕУ, интензивираната комуникација на младите и зголемениот број на туристичките патувања“, наведуваат од МНР, за кое, визната либерализација позитивно влијаеше и на размислувањата на граѓаните за градењето на европската иднина на нашата земја.
Иако се стравуваше од голем бран на иселување на граѓаните, податоците на МНР покажуваат дека разликата во бројките на влез и излез од земјава од декември 2009 година до крајот на септември оваа година не е голема во однос на претходните години, кога за земјава постоеше визен режим. Според нив, околу 400.000 граѓани излегле а не се вратиле во земјата во овој период, што споредено со податоците од претходно покажува дека се патува исто како порано.
Сепак, спроведувањето на безвизниот режим само два месеца подоцна ја покажа својата темна страна. За тие два месеца Македонија се искачи речиси на врвот од листата на земји од каде што доаѓаат најголем број азиланти во земјите од ЕУ. По летното затишје, истото се повтори и оваа есен. Само во Германија од јануари до ноември годинава побарале азил околу 2.000 македонски граѓани. Последниот авион со одбиени азиланти се врати од Германија пред една недела. На удар на македонските азиланти се најдоа и Белгија, Шведска, Швајцарија.
Премиери, министри и пораки почнаа да пристигнуваат од засегнатите земји од Унијата со цел да се сопрат азилантите, но со нив почнаа да стануваат се' погласни барањата на оние што се противеа на безвизниот режим во ЕУ дека на Македонија треба да и' се вратат визите.
„Минатата година почна со многу радост, среќа и олеснување дека конечно луѓето може слободно да патуваат, но продолжи со негативни ефекти кога бевме сведоци на зголемен број азиланти особено од Србија и од Македонија во некои од земјите на Западна Европа“, изјави за „Утрински весник“ словенечката европарламентарка Тања Фајон, од групата на левицата. Според неа, безвизниот режим е важен чекор кон ЕУ, но и за квалитетот на животот на луѓето во регионот, за подобра економска, политичка и културна соработка. „Останувањето зад затворени врати премногу долго, и без јасна европска перспектива може само да го зајакне национализмот и да ги продлабочи етничките поделби, кои пред војните практично и не постоеја“, смета Фајон.
Европарламентарката сепак смета дека луѓето треба да знаат дека патувањето без виза има одредени ограничувања т.е. дека тие немаат право да аплицираат за азил, за дозвола за престој или за работа. „Со одлуката да земат ’билет во еден правец’ за ЕУ тие ги загрозуваат идните односи меѓу земјата, целиот регион и Унијата“, вели Фајон.
Шведската европарламентарка Ана Мариа Кораца Билт од групата на Народните партии, која беше најсилниот противник на укинувањето на визниот режим за некои земји, е со сличен став. И за неа визната либерализација не значи добивање на дозвола за постојан престој, за работа, или пак за азил без оглед дали е тој политички или економски, туку претставува дозвола за престој во период од три месеци, за туристички или образовни цели. „Секогаш постојат можности за некакви недоразбирања, погрешна интерпретација и злоупотреба, што носи последици“, вели Билт, предупредувајќи дека мора да се внимава процесот да не застрани, поради недоразбирање или од оние кои го злоупотребуваат. Сепак, Кораца Билт е сигурна дека проблемот со азилантите ќе се реши и дека ќе се продолжи со позитивниот дијалог. Според неа македонските власти се посветени на информирање на граѓаните за тоа што всушност претставува безвизниот режим, исто како што биле посветени на исполнувањето на критериумите тој да се добие. „Ние пред една година гледавме на тоа многу позитивно и продолжуваме во таа насока и многу е важно да се работи заедно и да се остане на вистинскиот пат“, заклучува Кораца Билт.
Од МНР за проблемот кој настана со азилантските бранови велат дека земјава остварила беспрекорно досие за да се добие визната либерализација и „владата нема да дозволи да се наруши кредибилитетот на земјата во управувањето со безвизниот режим и воспоставената доверба кај земјите-членки на ЕУ“. На таквите појави, наведуваат од таму, ќе се реагира преку соодветни енергични мерки, вклучувајќи и зајакнати контроли од страна на МВР на излез од земјата, како и на туристичките агенции, со цел да се спречат можните злоупотреби.
За Фајон, пак, луѓето во Македонија треба да бидат свесни за фактот дека ЕУ може во иднина, врз база на специјален мониторинг механизам, да ги врати визните ограничувања. „Европската комисија внимателно ќе ја набљудува имплементацијата на стандардите во сите земји од регионот“, вели таа, додавајќи дека непочитувањето на правата сериозно ја загрозува одлуката за почнување визен дијалог за Косово. |