Туркменистан подготвен да обезбеди гас за „Набуко“
Туркменистан е најголем производител на природен гас во Централна Азија.
Туркменистан е подготвен да обезбеди природен гас за гасоводот „Набуко“.
„Моментно Туркменистан има вишок од природен гас, кој може да се извозува. Ние сме подготвени да го доставиме до секој клиент во странство. Тоа го вклучува и ’Набуко‘“, изјави претседателот Гурбангули Бердимухамедов пред членовите на владата.
Туркменистан е најголем производител на природен гас во Централна Азија. Се очекува соопштението на Бердимухамедов да биде прифатено со воодушевување од ЕУ, која го поддржува проектот, затоа што тоа би ја намалило нејзината зависност од постојните и планираните руски гасоводи за Европа.
Европа добива околу една четвртина од неопходниот природен гас од Русија.
Проектот за гасоводот „Набуко“, со должина од 3.300 километри, треба да овозможи доставка на природен гас од Каспиското Море, дури и од Блискиот Исток, до Европа преку заобиколување на руската територија. Гасоводот се предвидува да минува преку Турција, Бугарија, Романија и Унгарија и да дојде до Австрија.
Западот се обидува да го убеди Туркменистан да ја пренасочи мрежата за извоз на природен гас. Моментно поголем дел од туркменистанскиот гас минува преку Русија.
Се очекува денеска премиерите на Бугарија, Турција, Австрија, Романија и на Унгарија да потпишат меѓувладин договор за пуштање на гасоводот преку териториите на нивните земји.
Турција ќе има достапност до европскиот гас според спогодбата за гасоводот „Набуко“ и се откажува од барањето да купува 15 проценти од суровината, што беше главна пречка за финализирање на зделката, изјави министерот за енергетика на Турција, Танер Јулздаз.
„Гасоводот, што ќе ја поврзува Турција со главниот гасен центар во Австрија, ќе биде изграден, така што суровината ќе може да патува во насока запад-исток, но и исток-запад, за на Турција да и' се овозможи достапност до гасот“, рече Јилдаз.
Меѓутоа, тој изјави дека Турција ќе има право да зема дел од 15 милијарди кубни метри гас или половина од вкупно 31 милијарда кубни метри гас, кои ќе минуваат преку овој гасовод. Министерот не прецизира на колкав процент Турција ќе има право. (МИА) |