Заврши пријавувањето за побарувањата од „Сведмилк“
Барањата се однесуваат за неисплатеното млеко од септември минатата година
Александрија Стевковска
Вчера измина крајниот рок за пријавување на побарувањата од „Сведмилк“.
Станува збор за поднесување на барањата за неисплатеното млеко од млекарницата од септември минатата година, од кога датираат долговите на „Сведмилк“ кон сите доверители, вклучувајќи ги и сточарите, кооперанти на фабриката. Рокот за пријавување почна на 12 јуни годинава, откако во „Службен весник на РМ“ беше објавена стечајната постапка за „Сведмилк“. Со тоа практично беше одбиено барањето на сопственикот на млекарницата, Моше Баум, за пролонгирање на стечајот до 15 јули.
Стечајниот управник Богољуб Макрески неодамна изјави дека млекарницата ниту еден ден од своето работење немала добивка, односно цело време правела загуби. „Сведмилк“, според извештајот на привремениот стечаен управник, има материјална вредност од околу 25 милиони евра, а вкупниот долг е проценет на околу 32 милиона евра и тоа кон банки, фармери и разни компании кои вршеле услуги за млекарницата. Од отворањето млекарницата продала млеко во вредност од 10 милиони евра. Според Макрески, исклучително лошото менаџирање, како и тоа што млекарницата не произведувала тврди млечни производи, се причината за големите загуби.
„Сведмилк“ ги изгуби и извозните дозволи за ЕУ. Не можејќи да ги добијат парите од млекарницата, сточарите побараа од власта да ја национализира фабриката, но по реализираните средби со премиерот Никола Груевски, пропаднаа нивните надежи за вакво излезно решение. „Владата смета оти доволно му помогнала на сточарството, поради што не пројавува интерес за национализација на ’Сведмилк‘“, изјави неодамна Трифун Костовски, член на Здружението на оштетени кооперанти од млекарницата, кому „Сведмилк“ му должи повеќе од 300.000 евра за предадено, а неисплатено млеко.
Сепак, оштетените сточари се заканија дека нема да застанат тука и оти ќе поведат постапки и пред надлежните институции.
„Во случајот ’Сведмилк‘ бараме одговорност од Владата, но и од други институции, со оглед на тоа дека сите дозволиле да се направи криминал, кој финансиски оштетил повеќе граѓани. Речиси е невозможно за 13 месеци да се продуцираат загуби од 20 милиони евра. Тоа доволно кажува дека таму имало криминал“, реагираат оштетените. Тие деновиве упатија реакции и до Амбасадата на Шведска во Македонија и бараа таа да се заземе за решение на проблемот.
Од амбасадата најавиле дека во иднина повеќе нема да дозволат шведските државните фондови или фондации да се инволвираат во инвестиции во Македонија. На ова се одлучиле откако случувањата со „Сведмилк“ негативно влијаеле на нивниот углед и репутација. Како што пренесе Алфа телевизија, амбасадата понудила помош за оштетените фармери од „Сведмилк“ и нејзина асистенција при евентуалните судски завршници и откривањето на криминалот во млекарницата. Од амбасадата посочиле дека нема да поднесат тужби против поранешните сопственици во домашната земја, затоа што сметале оти откривањето на евентуалниот криминал треба да почне од македонските институции.
Оштетените, охрабрени од шведската амбасада, дефинитивно се решени да поднесат тужби против Владата, поради затајувањето на нејзините институции во спречувањето на пропаѓањето на шведската млекарница.
|