Тиквеш го исфрли Вардар од Купот!
Фудбалерите на Тиквеш приредија сензација во вчерашните реванши од четврт-финалето на Купот на Македонија со елиминацијата на Вардар. Кавадаречкиот второлигаш славеше на својот тревник со 4:0, со што ја анулира победата на црвено-црните од 4:1 во првиот меч во Скопје! Трајче Крстев, кој беше на проба во Херенвен, постигна два гола, а Димов и Стојановски по еден. На полувреме беше 2:0 за домаќинот.
Во полуфиналето се пласираа и Тетекс, Напредок и Металург. Тетекс и во возвратниот натпревар во Тетово беше подобар од Хоризонт Турново, овој пат со 1:0, откако првата средба ја доби со 2:1. Напредок во Кичево ја победи Брегалница со 1:0, а со таков резултат славеше и на 20 октомври во Штип. Металург пред своите гледачи во Автокоманда одигра нерешено 1:1 со Локомотива, која во првиот меч ја совлада со 3:0. (М.М.) |