Златен сјај на 40. „Златен гонг“
Јубилејниот турнир почнува денеска со 65 боксери од 13 држави, Кубанците најголема атракција
Миодраг Мицковиќ
Се е подготвено за првите мечеви на годинашниот традиционален и јубилеен 40. „Златен гонг“, за големиот боксерски спектакл што ќе се одржи прв пат во големата сала „Борис Трајковски“ во Скопје под покровителство на Владата на Република Македонија. „Златен гонг“, според квалитетот и бројот на учесниците, сигурно, ќе биде најголема спортска приредба што годинава е одржана во нашата држава. Своето учество го пријавија 65 боксери од 13 држави, предводени со неколку освојувачи на медали од последното Светско првенство и одличните боксери на Куба и на Бугарија. На „Златен гонг“, кој годинава е во организација на Агенцијата за млади и спорт на Македонија, Македонскиот олимписки комитет, Собранието на Град Скопје, Сојузот на спортовите Скопје и Боксерската федерација на Македонија, ќе настапат боксери од Куба (8), Бугарија (5), Русија (3), Албанија (6), Србија (11), Босна и Херцеговина (3), Полска (4), Чешка (5), Италија (3), Романија (2), Словенија (2) и Црна Гора (2).
На рингот од Скопје ќе настапат и нашите најдобри боксери Вели Мумин и Примислав Димовски, како и Фатлум Жута, Ибраим Мустафи, Димитар Ташков, Исак Сулејмани, Серхан Мемедов и Горан Антиќ, кои две недели под раководство на тренерот Руждија Калач се подготвуваа во Охрид за настап на „Златен гонг“ на кој нашиот Примислав Димовски ќе го брани трофејот освоен минатата година.
Меѓу најпознатите боксери што ќе се појават на рингот во Скопје, сигурно, се Кубанецот Јосе Гомез, освојувач на бронзениот медал од Светското првенство минатата година во Милано и сонародникот Савон Котила, кој беше петти во својата категорија на истиот шампионат, потоа Бугаринот Детелин Далаклиев, светскиот првак од Милано, како и неговиот сонародник Тервел Пулев, кој на Европското првенство во Москва го освои бронзениот медал.
Да не ги заборавиме и нашите боксери Вели Мумин, освојувач на два бронзени медала од европските првенства, како и Примислав Димовски што беше петти во својата категорија на Светското првенство во Милано.
Со еден збор никогаш на „Златен гонг“ во неговата 40-годишна историја конкуренцијата на вредниот трофеј не била толку силна.
Освен тоа, годинава е обезбеден и вреден паричен награден фонд од 10.000 евра. Освојувачот на „Златен гонг“ ќе добие парична награда од 1.000 евра, победниците во полуфиналните борби по 200, победниците во финалните борби по 400 евра. Освен тоа, обезбедени се и награди за најдобар странски боксер, за најдобар боксер од Македонија, најмлад боксер и најдобар техничар. Според програмата, денес ќе се одржат четврт-финалните борби со почеток во 14 часот, свеченото отворање е закажано за 18.30 часот. Утре се полуфиналните борби со почеток во 17 часот, додека финалните мечеви се во сабота во 15 часот со директен пренос на Македонската радиотелевизија.
Влезот за сите три дена е бесплатен, со специјални влезници што можат да се добијат во Агенцијата за млади и спорт и во Боксерската федерација на Македонија, но и пред самата сала „Борис Трајковски“ пред почетокот на натпреварите. За „Златен гонг“ владее големо интересирање и се очекува салата „Борис Трајкоски“ да биде исполнета до последно место.
Специјален гостин на јубилејниот „Златен гонг“ ќе биде поранешниот прв освојувач на гонгот, прославениот поранешен југословенски репрезентативец Звонко Вуин, кој денес живее во Зрењанин и кој ја прифати поканата да допатува во Скопје и да се потсети на 1969 година кога прв пат се одржа „Златен гонг“ во шаторот на циркусот поставен пред влезот на Зоолошката градина во Градскиот парк. |