Хамилтон би сакал Вебер да биде шампион
Експрвакот во Формула 1 навива за возачот на Ред бул, кој има осум бода помалку од Алонсо
Луис Хамилтон откри дека би сакал да го види Марк Вебер како победник во трката за титулата светски првак во Формула 1 годинава ако самиот не може да го освои шампионатот. На Хамилтон му е потребна победа во Абу Даби в недела, но во исто време мора да се надева дека ѕвездата на Ферари, Фернандо Алонсо, нема да прокнижи ни поен, како и дека дуото од Ред бул, Вебер и Себастијан Фетел, нема да ги освојат неколкуте бода што им требаат. Не е ни чудо што шансите на Хамилтон се 100/1 кај повеќето букмејкери, имајќи предвид дека само исклучителна последна трка би го крунисала во првак повторно.
Нормално, Британецот одбива да се предаде, но во дадените околности навива за Вебер поради тешкотиите со кои тој се соочи во Ред бул сезонава, и покрај судирот со него во Сингапур, кој го чинеше доста поени 25-годишниот возач на Мекларен.
„Би сакал да го видам Марк како победник. Тој одлично одработи годинава“, одговори Хамилтон на прашањето кого лично го преферира. „Нему му беше кажано од тимот кое му е местото, но и покрај тоа тој продолжи да вози извонредно. Мислам дека тој заврши фантастична работа. Многу сум импресиониран од тоа што го стори. Фетел, очигледно, е неверојатно брз, а и Фернандо се покажа добро, солидно во завршницата од сезоната, па титулата би можела да замине и кај некој од нив. Но, Марк направи речиси се' како што треба оваа година, настрана од нашата мала колизија“.
Хамилтон, сепак, ќе даде се' од себе во Абу Даби, предупредувајќи ги своите тројца ривали за титулата дека нема намера да се тргне на страна и да ги остави да се борат меѓу себе.
„Воопшто не ме интересира ниту еден од овие тројца. На крајот на краиштата, се' уште имам шанси, па ќе се обидам да победам“, порачува тој. „Тие имаат многу повеќе да загубат отколку јас, па нема да ги барам или да им дозволам да поминат или нешто слично. Одам во Абу Даби за да се обидам да победам, и покрај тоа што го немаме најбрзиот болид во моментов, што значи дека ќе биде многу тешко. Но, би можел да извозам како четврти, а тие сите тројца да не ја завршат трката. Се' е можно“.
Имајќи го ова на ум, Хамилтон се' уште одбива да се сврти назад и да жали за инцидентите во Монца и во Сингапур, кои го чинеа поени.
„Можеби на крајот од годината ќе се осврнам, но не е важно, бидејќи, иако можете да живеете во минатото, што добро тоа може да ви донесе? Ама баш ништо“додава тој. „На крајот на краиштата, ако имавме побрз болид и бевме на чело, како што е Ред бул цела година, многу полесно е да се избегнат проблемите, да се стигне до целната линија и да се освојат поени. Кога треба да надоместите заостанување и се обидувате да престигнете болиди што се побрзи од вашиот, тогаш сте во ситуација да морате да направите нешто што може да ве одведе до откажување од трката“. |