И Федерер е за покуса сезона
Швајцарскиот тениски ас го поддржа барањето на колегите за скратување на тениската сезона за две недели
Долгогодишниот прв светски тенисер и освојувач на рекордни 15 Гренд слем титули, Швајцарецот Роже Федерер, го поддржа барањето за скратување на тениската сезона за две недели што нему и неговите колеги ќе им овозможи пауза од шест недели на крајот на годината наместо досегашните четири.
„Време е за корекција на распоредот за да добиеме вистинска пауза меѓу две сезони. Четири недели се премалку, тоа впрочем и не е пауза. Мислам дека шест недели се многу подобро решение. Така три недели ќе одмараме, па потоа три недели ќе се подготвуваме за новата сезона“, порача Федерер.
Здружението на тениски професионалци, АТП, ќе расправа за календарот на турнири за 2012 и за 2013 година за време на годинашниот завршен Мастерс во Лондон што е на програмата од 21 до 28 ноември.
Покрај Федерер, поборници за покуса сезона се и првиот и третиот светски рекет, Шпанецот Рафаел Надал и Србинот Новак Ѓоковиќ. Скратена сезона може да резултира со дури четири АТП-турнири паралелно во текот на една седмица.
„Покуса сезона е во интерес на турнирите што се наоѓаат при крајот на годината, бидејќи тие се постојано изложени на бројни откажувања на најдобрите светски играчи поради замор и повреди“, дополни швајцарскиот тениски ас.
„Календарот денеска е дефинитивно подобар од оној пред 12 години кога станав професионалец. Но, четири недели пауза е навистина премалку. Се чини дека сите заедно треба да работиме по тоа прашање, па ќе видиме како ефект ќе има на крајот од годината“, вели Федерер, кој е поставен за прв носител на последниот регуларен АТП-турнир во сезоната, Мастерс 1000 во Париз.
„Волшебникот“ од Базел никогаш досега не стигнал до четврт-финале во „Берси“, а овој пат е поставен за прв рекет поради откажувањето на Рафаел Надал, кој, исто така, никогаш не го освоил овој турнир.
„Париз досега е мој најлош Мастерс 1000 турнир во резултатска смисла. Секогаш се обидував да направам добар резултат што не е случај досега, бидејќи четврт-финале за мене не е доволно добро. Затоа се надевам дека оваа година ќе биде подобро“, заврши Федерер. |