Геј место Болт на листата најдобри годинава
Јусеин Болт отпадна од скратената листа на ИААФ за признанието најдобар машки атлетичар на годината, а Тајсон Геј е единствениот поранешен лауреат на конечниот список од пет имиња. Геј (28), кој го дели најдоброто време на 100 метри годинава од 9,78 секунди, летоска во Стокхолм ја прекина двегодишната непобедливост на светскиот и олимписки шампион Болт.
Меѓу петтемина конкуренти за наградата на светската атлетска федерација во оваа категорија се и американскиот натпреварувач на 110 м со пречки Дејвид Оливер, светскиот рекордер на 800 м Дејвид Рудиша од Кенија, потоа Зерсенај Тадесе од Етиопија, кој годинава го урна светскиот рекорд во полумаратон и норвешкиот фрлач на копје Андреас Торкилдсен, кој ја додаде европската титула на светската и на олимписката круна.
Болт ја освои наградата во последните две години, но не се најде ни на годинашната скусена листа од десет имиња. Добитникот на признанието ќе биде претставен на свеченоста во Монако на 21 ноември. |