26.04.2012, 17:20 Волкановска замина по 7,5 километри пат
Наташа Волкановска беше на чело на Агенцијата цели шест години
Билјана Ангеловска
Седум и пол километри автопат и 280 километри поправени регионални и локални патишта, е резултатот од шестгодишното директорување на Наташа Волкановска со Агенцијата за државни патишта. Кога во 2006 година дојде на чело на тогашниот Фонд за магистрални и регионални патишта стручните лица беа изненадени, зашто се работеше за анонимна личност за инженерските кругови, која требаше да раководи со државна фирма која се соочуваше со големи проблеми. Сепак, за политичката јавност името на Волкановска не беше непознато, бидејќи таа важеше за близок човек на премиерот Никола Груевски, кој нејзината лојалност ја награди доделувајќи и' одговорна работа во ресор во кој се вртат милионски суми евра.
Во прилично жешката фотелја на Фондот за патишта Волкановска седна откако претходно набрзина се сменија неколку директори од редовите на ДУИ, кои не успеаја да се носат со одговорноста. Неискусната и инженерски тотално нестручна директорка, сепак, остана цели шест години. Колку со сопствена упорност, веројатно исто толку и со помош и поддршка од партијата на власт, таа им одолеваше на предизвиците и тивко, без многу помпа, некако од заднина го туркаше мандатот. Некои од оние што соработуваат со Агенцијата за државни патишта се задоволни од соработката со неа. Други, пак, коментираат дека економистот Волкановска само спроведувала нечии директиви, без воопшто да води сметка за последиците.
Како и да е, Наташа Волкановска во својот шестгодишен мандат го „трансформираше“ Фондот за магистрални и регионални патишта во Агенција за државни патишта. Во нејзино време конечно беше предадена во употреба обиколницата на Скопје, беа изградени „дури“ 7,6 километри автопат од Куманово до Табановце и извршена рехабилитација на околу 280 километри регионални и локални патишта.
Извори од Агенцијата велат дека поправката е извршена со многу „дупки“, исклучително неквалитетно, за што одговорноста и' ја припишуваат токму на директорката, која дозволила сето тоа да се прави без претходно изготвена техничка документација со која ќе се бара и ќе се гарантира квалитет од изведувачот и ќе се оправда кредитот земен од Светска банка.
Во својот мандат Волкановска не успеа, иако ветуваше, да ги модернизира патарините. Во план беше да се дигитализираат петте наплатни рампи по должината на Коридорот 10, што требаше да чини околу 10 милиони евра, а парите требаше да бидат обезбедени од кредит. Но, наплатните станици останаа како што си беа, а државата и со такви продолжи да собира по околу 20-ина милиони евра годишно од патарини.
Наташа Волкановска имаше шест години да го реши и проблемот на „Македонија пат“. Но, не успеа. Дали не можеше или не сакаше, останува нејасно , но факт е дека 1.500 вработени во ова јавно претпријатие сега ќе мора да преговараат со нов директор, за кој се надеваат дека ќе покаже повеќе слух за нивните проблеми. Зашто, од Волкановска, не кријат дека не беа задоволни.
|