26.04.2012, 17:08 Георгиевски си оди од Катастар
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, завчера, си поднел оставка од функ��ијата, која ја вршеше последниве шест години
Љупчо Георгиевски, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, завчера, си поднесе оставка од функцијата, која ја вршеше последниве шест години. Георгиевски вчера не беше достапен да ги објасни причините за неговото заминување кое во јавноста, неофицијално, се поврзува со понуда за амбасадорско место.
„Точно е дека директорот си поднесе оставка. Сепак, тој во моментов се' уште ја врши својата активност, претставувајќи ја институцијата на меѓународна геодетска конференција“, ни изјавија во Катастар. Според нашите извори, Георгиевски од завчера заминал на меѓународна конференција и се враќа в сабота. А, за повеќе детали за неговото заминување ни порачаа да го бараме од идната недела.
Во ВМРО-ДПМНЕ вчера не ја потврдија информацијата дека Георгиевски заминува од катастар, иако најавија нови смени.
„Со ’новиот бран’, партијата добива димензии на движење. Тоа е момент кога продолжуваме со мобилизација, со нашиот познат интензитет, како и со освежување на капацитетите и потенцијалите и реорганизација на структурата“, изјави Илија Димовски, на вчерашната прес-конференција во ВМРО-ДПМНЕ.
Досега, јавно, од функциите заминаа четворица функционери на државно ниво. (Ж.Х.З.) |