29.04.2012, 17:52 Апанажата им привршува. Каде ќе бараат работа?
Поранешните пратеници од владејачките партии, главно, добија нови функции, но опозиционерите останаа на државен трошок
Жаклина Хаџи-Зафирова Светлана Унковска
За неполни три месеци на функционерите, кои минатата година останаа без своите фотелји, им истекува правото на апанажа, со што ќе се олабави и собранискиот буџет. Правото на апанажа го имаат високи владини функционери, во извршната, локалната и во законодавната власт. По минатогодишните парламентарни избори, односно со денот на конституирањето на овој собраниски состав, престана и мандатот на дел од пратениците од претходната гарнитура. Триесетина пратеници, кои лани не успеаја да обезбедат уште еден пратенички мандат, се определија да го искористат правото што им следува по закон, односно една година да примаат апанажа. Тие добиваат надоместок во висина на пратеничка плата, односно околу илјада евра месечно, што значи дека многумина од нив до јули годинава од буџетот ќе земат 12 илјади евра.
Сепак, некои од нив во меѓувреме се снајдоа, главно, така што како членови на владејачките партији се распоредени на други функции. Таков е примерот со поранешниот пратеник, Рафис Алити од ДУИ, кој прво најави дека ќе зема апанажа, но потоа беше поставен на чело на „Македонски пошти“. Исто така, и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Цветко Грозданов, ја доби челната позиција на АД за станбен и деловен простор.
Потешко им е да се снајдат на доскорешните пратеници од опозицијата кои останаа на државен трошок. Еден од нив е лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски. Неговата апанажа изминува за три месеци, а тој вели дека, како и досега, и отсега планира да се посвети на партијата. И екс-лидерот на ЛДП, Ристо Пенов, е ангажиран во партијата, која сега е вонпарламентарна. Тој вели дека нема некои конкретни планови откако ќе му измине правото на апанажа. Неговата партиска колешка, Роза Топузова-Кареска, исто така, најавува дека ќе остане во партијата, каде во моментов работи волонтерски.
„Апанажата ми истекува уште три месеци. Во овој момент работам волонтерски во партијата каде што подготвуваме млади луѓе да го пренесеме нашето знаење. По изминувањето на овие три месеци имам повеќе планови, но ќе видиме што ќе се реализира од тоа. Во секој случај, најмногу ќе продолжам посветено да работам за партијата“, ни изјави таа. Топузова додава дека во овој постизборен период, а по поразот на изборите, ќе треба многу работа за да се одржи партијата и да биде успешна. Таа во моментов е претседателка на Форумот на жени и член на Извршниот одбор.
Нејзината поранешна колешка од редовите на социјалдемократите, Славица Грковска е исто така на апанажа, но не сакаше да зборува за нејзините идни планови.
На апанажа се' уште е и поранешниот министер за образование, Сулејман Рушити, кој беше пратеник од редовите на Нова Демократија, но од поодамна не е политички активен. И тој, како и повеќето пратеници, вели дека во моментов има само разговори за неговите понатамошни ангажмани, но дека нема ништо конкретно.
Пратеникот Стојан Андов од претходниот парламентарен состав, инаку прв претседател на Собранието во независна Македонија, уште минатата година рече дека се повлекува од политиката и замина во пензија. |