31.01.2012, 17:48 Напрегнато на запад - Како Струга нема друга
Ноќта го растура спокојството во Струга. Државното знаме се врати на јарболот на зградата на Општината. Мирен ден по пожарот што изби прексиноќа кај црквата во Лабуништа
Веле Митановски
Струга - По прексиноќешниот пожар во ц��квата „Св Никола“ во селото Лабуништа, што избувна по претходните случаи на сквернавење верски објекти, симнување и палење на државното знаме, вчера во Струга беше мирно. Присуството на полицијата и вчера беше забележително. Од СВР Охрид го потврдија настанот, без да изнесуваат детали околу сторителите на овој чин.
Пожарот бил подметнат во трпезаријата на црквата во Лабуништа, најголемата селска средина во општината со доминантно муслиманско население. Огинот зафатил и дел од црквените простории, но било спречено целосно уништување на црквата со стари фрески и икони. Во гаснењето на огнот, покрај професионални пожарникари, учествувало и месното население.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, откако виде до каде може да отиде работата, синоќа, ги убедуваше стружани да останат во мир, толеранција и соживот, а полицијата да го расветли случајот со палењето на црквата.
„Се запалиле помошните простории на црквата. Пожарот го гаснело и муслиманското население. Црквата не е запалена, зафатен е мал дел од покривот, а пожарот е комплетно локализиран“, изјави Мерко.
Урим Каба од струшката противпожарна станица вели дека добиле дојава за пожар и веднаш со екипите излегле на местото на настанот.
„Пожарот е локализиран. Изби во помошните простории на црквата, на место каде се чуваат огревните дрва. За среќа, црквата не е опожарена. Пожарот сигурно е подметнат, но, за среќа, соседите од сите вероисповеди излегоа и помогнаа во гаснењето на пожарот“, додава Каба.
Градоначалникот Мерко смета дека не се работи за намерно подметнат пожар од страна на жителите на Лабуништа, но остава институциите да ги фатат сторителите.
Ваљон Куртиши од невладината организација „Илирикум либертас“, во изјава за Инпрес, фрли нова светлина врз случувањата.
„Има многу заинтересирани кои сакаат да излезат и кои не сакаат да имаат ништо заедничко со оваа корумпирана власт кај Албанците. Апсолутно сме против палење или навреда на национален симбол или јазик, и сме против овој етнички проблем да се пријавува како религиски“, рече Куртиши.
Според него, во Струга имало некои религиски фундаменталистички струи, кои протестирале пред три-четири дена. „Ние го повикуваме МВР да ги контролира таквите сили за кои мислиме дека се надвор од Македонија, а не се внатре кај Албанците. Доаѓаат од блискиот исток, од Турција“, изјави Куртиши.
Во меѓувреме, на јарболите пред зградата на општина Струга се вратени македонското и албанското знаме. Знамиња исчезнаа минатата недела, а образложението на струшкиот градоначалник беше дека ги однел силниот ветер!
Со реакција се јавија од Здравствен дом од Вевчани, тврдејќи дека активисти на Мерко ги присилуваат граѓаните да ги бојкотираат прегледите. Тие обвинуваат дека, по завчерашната јавна порака на Мерко за бојкот на Здравствениот дом, вчера во Лабуништа негови активисти ги присилувале жителите да ги бојкотираат закажаните систематски прегледи и задолжителните вакцинации на децата.
„Со овој шовинистички чин, целосно се разобличува струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и неговата намера да им наштети на сите што не припаѓаат на неговата вера. Ги информираме граѓаните дека Здравствениот дом од Вевчани ќе продолжи со својата хумана и благородна дејност давајќи им услуга на сите граѓани без разлика на нивната верска и етничка припадност“, стои во дописот до медиумите од ЈЗУ Здравствен дом „Д-р. Светозар Чочороски“ во Вевчани.
Како случувањата во изминатите денови да им беше малку на стружани, тие вчера утрото останаа неколку часови и без вода за пиење. Директорот на ЈП „Проаква“ од Струга, Ваит Ајро, информираше дека настанал дефект на еден од далеководите, со што без електрична енергија останала една од пумпните станици. |