Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Политика
31.01.2012, 17:51

Jа викаат Владата да го гаси пожарот

Канцеларијата на ЕУ побара властите да ги расчистат инцидентите, а опозицијата стравува дека ситуацијата би можела да излезе од контрола

Многу повици за релаксирање на атмосферата во Струшко се слушнаа вчера откако пожарот што избувна кај црквата во Лабуништа дополнително ги подгреа страстите во општината. Сите погледи сега се свртени кон Владата, од која се очекува да ги смири несогласувањата што почнаа на релација Струга - Вевчани, општини кои се под контрола на владејачките партии ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот Ѓорѓе Иванов ги повика на разговор поглаварите на МПЦ и на ИВЗ, од Канцеларијата на ЕУ во земјава препорачаа властите да ги расчистат инцидентите, а опозицијата стравува дека ситуацијата би можела да излезе од контрола.

Инцидентите почнаа десетина дена по Карневалот во Вевчани. Дел од маските на карневалот ИВЗ ги сфатила како навреда и исмејување на Куранот. Следуваше протест, палење на државното знаме, каменување автобус... за прексиноќа да биде запалена и трпезаријата на црквата „Свети Никола“ во Лабуништа.

Набљудувачите на ОБСЕ се на терен, а од Канцеларијата на мисијата во Скопје информираа дека внимателно ги следат случувањата и апелираат за смирување на ситуацијата. Од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, преку изјава за Радио Слободна Европа, побараа властите да ги расчистат последните инциденти и да ги изнесат виновниците пред лицето на правдата. Оттаму велат дека добрите меѓуетнички односи се апсолутно неопходни во секоја држава, вклучувајќи ја и земјава, во духот на Охридскиот договор. Британскиот амбасадор Кристофер Ивон, пак, изразил надеж дека повиците од политичките лидери за смирување на состојбата ќе се почитуваат од сите страни.

Според опозицискиот СДСМ, настаните во Струшко се резултат на смислени политички провокации кои засегаат во емоциите на Македонците и Албанците. Опозицијата бара надлежните институции веднаш да ги пронајдат сторителите на вандалските испади и инциденти.

„Апсолутно е недозволиво смирување на страстите да се остави единствено на градоначалниците на Вевчани и на Струга. Двајцата градоначалници не се независни и им припаѓаат на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, кои се владини партнери“, рече потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.

Тој изјави дека премиерот Никола Груевски не може да седи настрана од овие немили случувања и дека има директна одговорност да преземе конкретни чекори за смирување на ситуацијата.

„Не помина ниту една година од инцидентот на скопското Кале, каде што главни актери беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а веќе ни се случуваат нови инциденти во Струга, повторно со истите актери. Најмалку што очекуваме од Груевски е да се огласи јавно да ги осуди и да се огради од немилите настани во Струга“, рече Георгиев.

Од опозициската ПЕИ сметаат дека годинава Вевчанскиот карневал бил политички злоупотребен од страна на владејачката коалиција.

„Дали со навредувањето на муслиманите, чиј дел се и Торбешите, свесно се разгорува меѓуверскиот оган на нетрпеливост и кому тоа му користи во ваква ситуација“, прашаа од ПЕИ.

Настаните во Струга и во околината ги осудија вчера и МПЦ и Комисијата за верски заедници кои, исто така, апелираа да спласнат тензиите. Од МПЦ посочија дека православната вера не познава обред на карневализација, па затоа Вевчанскиот карневал нема ништо заедничко ниту со православието ниту со празникот на свети Василиј Велики ниту со јулијанската Нова година.

„Карневалот е одлика и остаток од политеистичките религии, па оттаму зачудува поврзувањето на православната вера и православната црква и особено посегнувањето по православниот храм, прво со пишување непристојни графити и навредливи пораки, а потоа и со подметнување пожар во православното светилиште во Лабуништа“, се вели во соопштение од МПЦ.

Од Комисијата за верски заедници оценија дека настаните во Вевчани, Октиси, Лабуниште, Струга го разнишаа верскиот соживот во Македонија. Како што стои во соопштението на Комисијата, тоа е крајно неприфатливо во период кога Македонија добива највисоки позитивни оценки за почитувањето на верските права и слободи и од ЕУ и од Стејт департментот. (А.М.М.)

Груевски повика на смирување на состојбата

Анкара - Премиерот Никола Груевски вчера повика на смирување на состојбата во Струга и таа да не се злоупотребува во политички цели, бидејќи тоа е на штета на сите граѓани без оглед на етничката и верската припадност. „Би ги повикал сите, независно дали се Албанци, дали се Македонци, дали се Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци итн. Или се христијани или муслимани. Енергијата да не ја насочуваат кон негативни работи – како да му наштетат на другиот, да го навредат или да му направат некаква пакост, туку како да најдат начин од сите фрустрации да излезат со добри идеи, со идеи за поддршка едни на други, со идеи со кои земјата заеднички ќе ја придвижиме во подобра насока и ќе си помагаме и ќе живееме заедно“, изјави Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Анкара.

Груевски побара од сите политичари, политички партии и поединци да не ја злоупотребуваат ситуацијата, верниците и различните етнички групи заради своја лична цел или корист најдиректно поврзана со некои наредни избори, бидејќи со тоа му прават штета на сопствениот народ.

„На тој начин нема да успеат да дојдат до повеќе политички поени затоа што
кога ќе помине целата нервоза, на секој човек ќе му стане јасно кој и зошто се обидувал да злоупотребува различни настани во политички цели, односно во
свој личен интерес“, истакна премиерот Груевски. (МИА)

Поглаварите на МПЦ и на ИВЗ кај Иванов

Кој било изолиран инцидент, каде и да се случил, треба да биде осуден од страна на сите, заклучиле претседателот Ѓорге Иванов и поглаварите на Македонската православна црква и на Исламската верска заедница, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, на вчерашната средба, иницирана поради настаните во Вевчани и во Струга.

Претседателот Иванов, соопшти неговиот Кабинет, очекува сторителите на инцидентите да одговараат во согласност со законите. На средбата со поглаварите на двете најголеми верски заедници била изразена увереност дека традицијата на заеднички живот, што опстојува со векови, останува вредност и придобивка на сите граѓани.

Од средбата на Иванов со поглаварите на МПЦ и ИВЗ произлезе заедничка порака за одговорност во негување на традиционално добрите меѓуверски односи и на културата на толеранција. Шефот на државата побарал поглаварите на двете верски заедници да го вложат својот авторитет и да влијаат за поголемо меѓуверско разбирање.

Средбата била свикана на иницијатива на претседателот Иванов, во рамки на неговите редовни контакти со претставниците на верските заедници во Македонија.

 


Статијата е прочитана 1363 пати.

Испрати коментар



Контоминас посредувал за поткупот во Телеком?
Младите лидери на ВМРО-ДПМНЕ остареле, бараат нови
Вељаноски ги притисна пратениците за кодексот
На Балканот ќе се менуваат границите?
Напрегнато на запад - Како Струга нема друга
Одете во Струга
МВР на тапет во годишниот извештај на комисијата на Петковски



Пожарникарот од Дебармаало, 01.02.2012 09:14:00
Аман, не го оставајте Грујо да го гаси! Видовме како ВМРО го гасеше во 2001.
Миле, 01.02.2012 09:58:17
Се гледа од авион дека овие немири се наместени, односно дека се масло на некого, само за да се разбрани мирната состојба во земјата. Само напред г-дине Груевски, ја имате нашата поддршка и не дозволувајте било кој да Ви ја руши репутацијата.
bez trag, 01.02.2012 18:23:52
Ah vmrovcina zaboravivte koga ke izlezese Ljupco na tv gi baknuvavte televizorite i vikavte patriotot na mk. Za mnogu brzo vreme odma vi stana predavnik i tn. Ve zamoluvam i ovaj pat otvorete gi ocite zatoa sto najgolemiot predavnik i fasist i toj sto bese vo istata taa kasa vo 2001 e sega na celo na drzavava Gujo.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

"""

  


Site Meter


Најнови вести
Време
Скопје, -5°C

Облачно

Недела
Претежно облачно
Макс: -1°C, Мин: -8°C

Понеделник
Локални врнежи од снег
Макс: -5°C, Мин: -9°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |