31.01.2012, 17:14 МВР на тапет во годишниот извештај на комисијата на Петковски
Единствено Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ не се согласи со критиките
Светлана Унковска
Собраниската комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Минис��ерството за внатрешни работи и на Министерството за одбрана и на вчерашната седница на која се усвојуваше Извештајот за работењето во минатата година повторно отвори расправа околу несоработката на МВР и министерката Гордана Јанкуловска со ова собраниско тело. Пратеникот на ДПА, Орхан Ибраими, посочи дека во извештајот недостига повеќе критика за отсуството на соработка на МВР со Комисијата
„МВР не ги почитува законодавната власт и работните тела на Собранието и не се потруди да испрати ниту еден претставник на седниците на оваа Комисија, што подразбира дека тие ги омаловажуваат работните тела на Собранието. Не случајно и на извештајот на Европската комисија на дециден начин се наведува дека не се врши соодветна цивилна контрола и надзор над спроведувањето на мерките“, укажа Ибраими.
Пратеникот Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ инсистираше во извештајот да биде наведено како гласале членовите на Комисијата, особено инсистираше тоа да биде прецизирано за седницата на која се бараше формирање работна група за посета во МВР. Единствено тој не се согласи со критиките за однесувањето на МВР и дури рече и дека не било обврска претставници од МВР или министерката да присуствуваат на седниците. Тој бараше да се наведе и дека немало присуство ниту од претставници на Министерството за одбрана.
„Не се согласувам со голем дел од Извештајот и сметам дека Комисијата ги остварува своите надлежности во однос на следење на комуникациите, но треба да се најде механизам како да се подигне ефикасноста на ова тело. Вие многу погрешно сте ја сфатиле работата на Комисијата. МВР има доставено писмен извештај за нејзиното работење и јас сум целосно задоволен од соработката“, рече Саздов.
Претседателот на Комисијата Тито Петковски од НСДП ги отфрли констатациите на Саздов и истакна дека МВР со големо задоцнување одговарало на нивните барањата за доставување извештај, што претставува неодговорен однос.
„Вие ја амнестирате министерката, но ако таа имаше малку доблест и политичка одговорност, барем еднаш ќе дојдеше на седница на Комисијата. Таа треба лично да биде мотивирана да доаѓа на нашите седници, немојте заради неа да го уривате достоинството на Комисијата и на пратениците“, реагираше Петковски. Тој на забелешката на Саздов одговори и дека немало претставник од Министерството за одбрана бидејќи Комисијата немала потреба за надзор на нивното работењето и затоа не биле ни поканети да присуствуваат.
|