31.01.2012, 18:05 Младите лидери на ВМРО-ДПМНЕ остареле, бараат нови
Претседателите на општинските комитети на Унијата на млади сили кои наполниле 28 години ќе бидат сменети
ВМРО-ДПМНЕ ја проветрува Унијата на млади сили на партијата. Кадрите кои наполниле 28 години не можат веќе да се водат како членови на подмладокот. Партијата објави повик за кандидирање претседатели на општинските комитети на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во 12 општини. Причина за ова, како што објаснува Диме Спасов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, е тоа што претседателите на младинските комитети во овие општини веќе наполниле 28 години, со што автоматски влегуваат во сениорските редови.
„Повикот е вообичаена процедура, со оглед на тоа што претседатели на УМС можат да бидат само оние до 28-годишна возраст. Повикот е распишан бидејќи 90 отсто од овие претседатели веќе имаат наполнето 28 години или, пак, имаат по 27 години и 8, 9 или 10 месеци или им е истечен мандатот од четири години“, вели Спасов.
Спасов, кој во моментов е и државен секретар во Министерството за правда, пак, пролетва ќе полни 27, што значи дека за него ова правило ќе важи дури во 2013 година.
Во повикот кој е објавен во дневните весници се бараат нови претседатели на Унијата на млади сили во Аеродром, Чаир, Прилеп, Тетово, Кратово, Струга, Крива Паланка, Македонски Брод, Градско, Могила, Брвеница и Кривогаштани. Од кандидатите се бара да се членови на партијата во моментот на поднесување на кандидатурата и да пополнат прашалник. Во прашалникот, според Спасов, од кандидатите се бара да ги наведат програмата за работа, како и проектите на кои би работеле, односно нивната визија. Тоа се наведува и во повикот каде што се вели дека: „сите кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани, зависно од личните квалитети, успесите во минатото и визијата за иднината“.
Спасов, кој е член на партијата од свои 17 години, вели дека е задоволен од досега сработеното, поточно од претседателите на општинските комитети на младината. „Очекувам новите претседатели да ја продолжат солидната работа“, изјави Спасов. (Ж.Х.З.) |